Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДИК: Вкупно 8.848 болни или немоќни лица денес можат да го остварат своето право на глас

Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање а се сместени во установите за вонсемејна грижа, соопшти Државната изборна комисија.
Вкупно 8.848 болни или немоќни лица, како што велат од ДИК, можат да го остварат своето право на глас на овие локални избори.
Со почеток во 7:00 часот во 14 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 2162 лица кои се на издржување казна затвор или притвор.
Од ДИК информираат дека 442 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 13 центри за вонсемејна грижа.
Гласањeто денес започна во 7 часот утринава, а завршува во 19 часот.
Македонија
Од средината на следната недела ќе биде потопло

Следува период на стабилно време, освен во среда, кога ќе има локални врнежи од дожд. Дневната температура од четврток ќе биде во пораст, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Макималната температура ќе достигне до 16 степени.
Македонија
ОЈО Струга отвори предмет за спомен-куќата на Владо Малески

Основното јавно обвинителство Струга оформило предмет во врска со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески, при вршење градежни работи во близина на објектот од страна на лице од Велешта.
Јавен обвинител, како што соопшти денеска Основнот јавно обвинителство, на 16 октомври извршил увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка.
„Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за испитување на околностите под кои се случил настанот“, стои во соопштението на ОЈО.
При изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство.
Министерот за култура најави изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историјскиот дух.