Свет
Дописник на Би-би-си: Заборавете на „томахавките“, состанокот Трамп – Путин е ладен туш за Украинците

Доналд Трамп повторно се обидува да ги комбинира дипломатијата и политиката на моќ – овој пат помеѓу Москва и Киев.
Само неколку часа пред планираната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот претседател му се јави на Владимир Путин, што предизвика загриженост и сомнеж во Киев за американските намери.
Трамп му рече на Путин дека наскоро ќе следи состанок на високи американски и руски претставници, по што ќе следи нова средба во Будимпешта.
Двајцата претседатели последен пат се сретнаа во Алјаска во август. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Трамп „верува дека е сè уште можно“ да ги донесе Путин и Зеленски на иста маса, но нема планови украинскиот претседател да се придружи на самитот.
Вашингтон, исто така, разгледува дали Украина може да добие крстосувачки ракети Томахавки, но набљудувачите веруваат дека таквата одлука би била тешко да се донесе во време кога САД се обидуваат да отворат нов канал кон Москва.
„Трамп се врати на идејата за прекин на огнот од самитот во Алјаска, сега со надеж дека крајот на војната во Газа би можел да поттикне и мир во Украина“, пишува дописникот на „Скај њуз“ од САД, Дејвид Блевинс.
Би-би-си: Ова е политички ладен туш
Сепак, во Киев тоа е ладен туш. Дописникот на Би-би-си, Џон Садворт, вели дека повикот на Трамп до Путин, за кој Кремљ тврди дека е инициран од Русија, „нема да биде сфатен како добар знак“ во Украина.
Пред неговото патување во Вашингтон, помошниците на Володимир Зеленски рекоа дека забележале промена во тонот во Белата куќа – тие верувале дека Трамп почнува да „го гледа светот низ нивните очи“. Тие се надевале дека оваа недела ќе биде моментот кога тој ќе добие одобрение за испорака на американските ракети Томахавк и можност за удар подлабоко на руска територија.
Наместо тоа, пишува дописникот на Би-би-си во Киев, Путин е награден со уште еден состанок со американскиот претседател. „Заборавете ги Томахавките – ова изгледа како политички ладен туш“, заклучува Садворт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Свет
Милиони Американци би можеле да останат без купони за храна

Околу 42 милиони Американци би можеле да останат без купони за храна во ноември поради тековниот прекин на работата на федералната влада, предупреди министерката за земјоделство Брук Ролинс.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP), позната и како купони за храна, е дел од клучната национална мрежа за безбедност на храната и обезбедува просечен месечен надомест од 188 долари по лице, пишува Си-Ен-Ен.
Ролинс рече дека средствата за програмата ќе бидат исцрпени во рок од две недели и ги обвини демократите за блокадата на финансирањето.
Свет
Десетици илјади евакуирани на Филипините, се приближува ураган

Десетици илјади луѓе на Филипините се евакуирани денеска од своите домови на брегот на Пацификот поради опасност од поплави во момент кога тропската бура „Феншен“ го зафати регионот, јавија светските агенции.
Бурата попладнево со брзина на ветрот до 80 км на час ја погоди општина Губат, на југоисточниот врв на главниот остров Лузон, соопшти државната метеоролошка служба.
Откако жителите беа евакуирани од крајбрежните и другите ризични области, локалните власти соопштија дека нема извештаи за сериозни штети или жртви.
„Имаше обилни дождови и силни налети на ветер, иако не толку силни“, изјави Рајан Естреладо, спасувач во Губат.
Ураганот вечер треба да помине во близина на островот Катандуанес, кој има население од 270.000 жители, со брзина на ветер до 90 км/ч. Се очекува „Феншен“ да се засили пред да стигне до копното по втор пат во централен Лузон, соопшти националната метеоролошка служба.