Македонија
Костовски до oџата од Бутел 2: Треба да проповедаш за тоа што учи Исламот, а не да кажуваш да не се гласа за мене само затоа што сум Македонец

Кандидатот за втор мандат за градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски, остро реагираше на денешната петочна проповед во џамијата во Бутел 2, обвинувајќи го оџата дека повикал верниците Албанци да не гласаат за него затоа што е Македонец. Во објава на „Фејсбук“, Костовски порача дека народот сака развој и проекти.
„Сакам лично да го поздравам оџата од џамијата во Бутел 2.
Да му кажам јавно неколку реченици. Оџа на денешната петочна Џума требало да проповедаш тоа што го учи исламот како вера, а не да кажуваш дека Aлбанците не треба да гласаат за Дарко Костовски затоа што е Mакедонец. Па најдобро било да гласаат за ДУИ. (Тие што шајка немаат ставено во Бутел)
Што ти пречи оџа ?
Тоа што во Бутел 2 се гради нова градинка за нашите деца ?
Тоа што во училиштето Панајот Гиновски Бутел 2, се направи нова фасада ?
Тоа што Љуботен после 30 години добива чиста вода ?
Тоа што Визбегово доби ново училиште ?
Тоа што во Скопје Север се вложуваат повеќе од еден милион евра ?
Тоа што пред Нова година ќе удриме камен темелник на нова поликлиника ?
И за крај, дали и јас по твојот памет требаше да не градам кај Aлбанците само затоа што се Албанци ?
Еден куп Aлбанци ми се јавија згрозени од твојот денешен повик.
Да знаеш дека во недела, целиот народ меѓу кои и Албанци, многу жестоко ќе го поразат ова ваше мизерно однесување.
Народот сака развој и проекти, сака иднина за нивните деца“, се вели во објавата на Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Македонија
Директорката Пешева вели дека „Лајка“ е пример за јавна институција која работи со срце

Јавното претпријатие „Лајка“ денеска организираше манифестација за одбележување на петгодишнината од основањето на која имаше изложба на кучиња што бараат дом, натпреварувачка изложба на миленици, како и ученички цртежи од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ и ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ и креативна работилница. Имаше и избор за најсмешна фотографија. Од манифестацијата беше испратена порака за дека вдомувањето е единственото хумано решение за проблемот со бездомните кучиња. Проблемот, беше речено, е системски и бара заедички одговор на сите надлежни институции.
-До сега покажавме дека знаеме да работиме одговорно и транспарентно, за што сведочат и бројките. Работиме со интегритет и хумано. Посветени сме на хуманата метода залови, стерилизирај и врати, посветени сме на вдомувањео како најдобра завршница во решавањето на комуналниот проблем со бездомните кучиња. Во овие три години колку што сум јас во „Лајка“ успеавме да заловиме преку 3200 кучиња, но и да вдомиме една треитина од нив или 1100 кучиња, рече директорката на ЈП Лајка Радмила Пешева.
Таа вели дека во периодот во кој раководи со претпријатието ЈП „Лајка“ прераснало во системски двигател на хуманата грижа за бездомните кучиња во Скопје
Со ограничени ресурси, како што нагласи, но со јасна визија „Лајка“ изгради препознатлива практика третман со грижа вдомување како крајна цел. Поастојано се комуницира со јавноста која е информирана, вклучена.
ЈП „Лајка“, вели Пешева, покажала дека дека е пример за јавна институција која работи со срце, а оти тоа се покажува низ бројки.
Во „Лајка“ електронски се евидентира секое куче, со следење од влез до вдомување, има волонтерска програма со формализирана обука и вклучување граѓани. Воспоставена, велат, е соработка со училишта и општини, стабилен обем на работа и покрај блокада на сметката и само четири општински партнери. Ова градско јавно претпријатие има најуспешна финансиска година со 13,2 милиони денари нето добивка, намалени адвокатски и административни трошоци, соработка со градоначалници и државни институции и меѓународни организации, како ENPA најстара организација за заштита на животни во светот.
Директорката Пешева вели дека ќе продолжат да работат со многу поголемо искуство, и поголема волја. Ги користат, нагласува таа, сите ресурси и човечки и финансиски, со кои располагаат, а имаат и поддршка од волентерите во Скопје и во цела Македонија.
-Сепак проблемот е упорен. Тој е системски повеќеслоен и се надвеаме дека институциите кои треба да дадат поддршка и да го решиме проблемот ќе дадат уште поголем придонес и ќе имаме конечно еден одговрен чекор во решавање хумано на овој проблем, а резултатите да бидат се повеќе видливи, истакна таа.
Од ЈП „Лајка“ нагласуваат дека вдомувањето не е само хуман, туку и општествен, комунален, едукативен и превентивен процес.
– Секое вдомено куче значи едно животно помалку на улица, помалку ризици за граѓаните и почиста, побезбедна и похумана урбана средина. Вдомувањето претставува суштински дел од решението за прекубројноста на бездомните кучиња – дел што директно го поврзува човекот со заедницата и со сопствената одговорност кон неа, порачуваат од ЈП Лајка по повод одбележувањето на петгодишнината од формирањето.