Македонија
(Видео) Филипче: Сметам дека граѓаните ќе одлучат врз основа на објективни параметри

Сметам дека граѓаните ќе одлучат врз основа на објективни параметри за тоа кој ќе ги води следните четири години во општините во кои живеат, изјави лидерот на СДСМ,Венко Филипче, кој денеска гласаше на локалните избори.
„Ви благодарам на сите за присуството, очекувам мирен ден, посакувам мирни и фер избори. Ги повикувам луѓето да излезат во што поголем број. Многу е важно да избраните градоначалници, советници добијат легитимитет од голем број граѓани. Тоа е наше право и одговорност и тоа е наша обврска. Јас сум задоволен од тоа како течеше кампањата, мислам дека имавме фер кампања, мислам дека имавме инструменти и начин да допреме до многу голем број на граѓани, да ги преставиме нашите кандидати, нашата програма. Сметам дека граѓаните ќе одлучат врз основа на објективни параметри за тоа кој ќе ги води следните четири години во општините во кои живеат“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ одат во втор круг за градоначалник на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат најмногу гласови и во Советот

Кандидатите за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ ќе се соочат во вториот круг од локалните избори што ќе се одржи на 2 ноември.
Според податоците на Државната изборна комисија, од пребројани 91 отсто од гласовите, во водство е Орце Ѓорѓиевски со 36,62 отсто, односно 82.155 гласови, а зад него е Мециновиќ со 13,35 проценти, односно 27.686 гласови.
Зад нив е Башким Бакиу од „Влен“ со 12,15 отсто, Каја Шукова од СДСМ со 11,52 отсто и Скендер Реџепи од ДУИ до 11 отсто од пребројаните гласови.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица доминираат и во Советот на Град Скопје. Според официјалните податоци од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ во Советот има 35,46 отсто од гласовите, а зад нив е Левица со 12,04 проценти.
Македонија
Орце не бегај од дебата, од вечерва Левица е вистински лидер на опозицијата, порача Апасиев

Вечерва објавуваме дека Левица станува лидер на опозицијата во Македонија, објави на прес-конференција Димитар Апасиев, лидерот на оваа партија.
„За прв пат влегуваме во Советот на Општина Тетово, Виница, Берово, Пробиштип, Лозово, Ранковце, Струмица, Радовиш, Кривогаштани, Струга, Дебарца и Ресен. Покрај во главниот град, втора партија пред СДСМ, Левица станува во Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Велес“.
Лидерот на Левица со порака до кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски: „Орце не бегај од дебата“.
Амар Мециновиќ пак рече, дека денеска Скопје се разбуди а граѓаните покажале храброст дека се подготвени да изберат поинаку.
„Денеска Левица испиша историја затоа што првпат има кандидат во главниот град кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Во првиот круг покажавме дека има надеж, во вториот круг сето тоа ќе го претвориме во реалност. Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје се охрабрија да застанат на страна на промената. Скопјани имаат визија дека градот треба да се раководи од јавниот, а не од приватниот интерес, порача Мециновиќ.
На жителите од Скопје, во вториот круг им порача дека имаат две визии: едната како што рече е онаа која 35 години ја има во државата, која е застарена, коруптивна, криминална и им ги одзема годините, можностите и животите, и онаа втората, за која, како што истакна, е нивна визија, за град во кој сите ќе сакаме да живееме.
„Скопје во наредните недели ќе одлучи за својата судбина“.
Мециновиќ најави дека и во следните денови Левица ќе продолжи со средби со граѓаните.
Во следните недели нема да се занимаваме со тоа што сте навикнати да го гледате, а тоа се препукувања на монополот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа време заврши. Цензурата е залудна, скопјани ја видоа нашата визија. Го дочекавме денот кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема да ни бидат судбина“, порача Мециновиќ.
Ги повика сите оние што се разочарани и се двоумат во нивниот избор да им се придружат.
Македонија
Победивме убедливо во првиот круг во Струмица, дваесет години чекавме на овој ден, рече Мицкоски и кажа дека Орце Ѓорѓиевски оди во втор круг

Историски резултати се бележат на овие избори и според премиерот и претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој доцна вечерва кажа дека победиле во првиот круг во над 30 општини меѓу кои и во општини каде градоначалници досега имаше СДСМ.
„Драги пријатели, имаме победа во над 30 општини уште во првиот круг. Разликата е 2:1, некаде 3:1, а некаде и многу поголема. Имаме победа и во општини во кои СДСМ имаше свои градоначалници. Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. Дваесет години чекавме на овој ден, дваесет години. Имаме победа и во Делчево, победивме и во Берово, убедлива победа имаме и во Битола, во Прилеп, во Штип, во Кавадарци, во Гевгелија, во Свети Николе, во Охрид во Карбинци, во Демир Хисар, во Новаци, Градско, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода, Сопиште, Илинден. Петровец, Јегуновце, Велес, Радовиш, Ресен и така натаму“, рече Мицкоски.
Во втор круг оди кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој до последен момент пред изборниот молк беше уверен дека ќе победи во првиот круг.
„Орце има огромно водство, неколкупати повеќе од својот противкандидат во Скопје. И таму извесен победник е Орце во вториот круг. Водиме во Карпош, таму Сотир се бореше против сите сојузи и подземни игри и сигурен сум дека ќе имаме победа во вториот круг. Јасно е дека граѓаните бараат промени во Карпош“, рече Мицкоски.
Овие избори тој вели дека се и порака за Демократската унија за интеграција.
„Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери реков полека, смири се, непријатно ќе бидеш изненаден по резултатот. Ова е тој ден. Ова што е најважно е што политиките на етноцентризам, национализам и вештачки теми за орли и зајци и небитни теми за граѓаните, се поразени, а се отвора прашањето за реформи во опозицијата“, рече Мицкоски.
И тој, како и сите останати политичари вечерва повика на обединување во вториот круг во кој, како што рече, нема место за калкулации, поделби и суети.
„Ви благодарам народе на Македониа. Заедно испишуваме историја. Бог да ја благослови Македонија“, рече Мицкоски на крајот од обраќањето вечерва.
Додека Мицкоски зборуваше за победите, во белата палата се скандираше „цело Скопје вмровмски град“ па тој беше принуден да направи паузи, а на почетокот предупреди дека таквото скандирање може да биде извадено од контекст иако е вистина.