Свет
Поранешен амбасадор на САД: Путин го изигра Трамп, самитот во Будимпешта е стапица
Поранешен американски дипломат изрази сериозни сомнежи во врска со најновите напори на Белата куќа да посредува за завршување на војната на Русија во Украина тврдејќи дека Москва го експлоатира процесот во своја корист и дека пристапот на претседателот Доналд Трамп е осуден на неуспех. Во интервју за „Киев пост“, амбасадорот на САД, Стивен Пајфер, кој беше на оваа должност во Украина од 1998 до 2000 година, сугерира дека напорите за посредување на Вашингтон се осудени на неуспех без зголемен притисок и сериозни последици за Путин, пишува „Киев пост“.
Пајфер верува дека посетата на претседателот Володимир Зеленски на Белата куќа минатата недела била компромитирана од претходниот ангажман на американскиот претседател со неговиот руски колега. „Јасно е дека претседателот Трамп повторно беше изигран од Путин во телефонскиот разговор во четврток“, рече Пајфер.
Сржта на фрустрацијата, според Пајфер, произлегува од очигледниот притисок на Трамп врз Украина да отстапи територија. „Мора да биде многу фрустрирачки за претседателот Зеленски и за Украинците што Белата куќа изгледа не разбира зошто не се подготвени да се откажат од целиот Донецк“, рече тој.
Тој ја засили оваа поента истакнувајќи подлабоко недоразбирање од американската страна.
„Исто така, ми беше фрустрирачки што очигледно г. Стив Виткоф повторно рече – па ‘бидејќи сите во Донецк зборуваат руски, тие сакаат да бидат Руси’, што мислам дека дефинитивно не е случај“, рече тој. Пајфер нагласи дека држењето на линијата во Донбас е стратешки императив.
„Откажувањето од таа територија би значело предавање на одбранбените линии што ја запреа руската армија веќе три и пол години“, рече тој додавајќи: „Само сум збунет зошто не разбираат зошто во овој момент тоа е нешто што Украина не може да го направи“.
Оваа процена е во согласност со претходните коментари на Трамп дека Украина едноставно треба „да застане на линиите каде што се – бојните линии… да си оди дома, да престане да убива луѓе и да заврши“ ефикасно замрзнувајќи го конфликтот.
Пајфер гледа мала перспектива за значителна поддршка од Белата куќа, особено во вршење притисок врз Русија. Тој тврди дека Трамп „не е подготвен да инвестира во постигнување договор“. „Доколку беше сериозен во врска со тоа“, тврди Пајфер, „Трамп ќе бараше начини да изврши дополнителен притисок врз Русија“.
Поранешниот дипломат го гледа изборот на Будимпешта за претстојниот самит Трамп – Путин како победа за Москва. „Мислам дека Русите секако се среќни што одат во Будимпешта. Тоа е едно од ретките места во Европа на кои, всушност, би можеле да се сретнат“, објасни Пајфер. Тој предупреди дека состанокот може да биде само „повторување на она што се случи на Алјаска, каде што претседателот Трамп се чинеше дека е убеден од Путин да се согласи на ова таканаречено разбирање, кое содржеше низа стапици за Украина“.
Пајфер е многу скептичен дека самитот ќе постигне пробив: „Не сум сигурен, со оглед на тоа што, барем јавно, руската позиција останува непроменета зошто некој би помислил дека Будимпешта ќе донесе поинаков исход од Алјаска?. Претседателот Зеленски веќе јавно го отфрли изборот на место велејќи: „Не верувам дека премиер што ја блокира Украина насекаде може да направи нешто позитивно за Украинците или дури да даде балансиран придонес осврнувајќи се на унгарскиот лидер Виктор Орбан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

