Свет
Украина и Европа подготвуваат мировен план од 12 точки за крај на војната

Европските земји во соработка со Украина изработуваат предлог од 12 точки за запирање на војната, кој би се темелел на задржување на постојните линии на фронтот, објави „Блумберг“.
Според изворите на агенцијата, планот предвидува прекин на огнот, враќање на украинските деца депортирани во Русија, размена на заробеници, гаранции за безбедност и финансиска помош за обнова на Украина, како и забрзан пат кон членство во Европската унија.
Спроведувањето на договорот би го надгледувал мировен одбор под раководство на американскиот претседател Доналд Трамп. Санкциите кон Москва би се укинале постепено, а околу 300 милијарди евра замрзнати руски средства би ѝ биле вратени дури по прифаќањето на руската финансиска помош за реконструкцијата на Украина.
Планот засега не е финализиран и може да претрпи измени. Европски претставници оваа недела ќе отпатуваат во Вашингтон за разговори, а целта е со договорот да се отвори пат за почеток на мировни преговори меѓу Киев и Москва, наведува Блумберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хаос на аеродромот во Литванија предизвикаа балони со цигари

Аеродромот во Вилнус утрово повторно е отворен по неколкучасовна блокада во текот на ноќта, предизвикана од појава на балони кои, според сомнежите, биле користени за шверц на цигари од Белорусија, соопшти Националниот центар за управување со кризи.
Според властите, поради прекинот биле погодени околу 30 летови, пренесе литванската телевизија „ЛРТ“.
Досега се пронајдени најмалку пет балонски цилиндри и околу 7.000 пакувања шверцувани цигари, а една личност е уапсена. Потрагата продолжува.
Првичните наоди укажуваат дека во литванскиот воздушен простор од Белорусија влегле десетици вакви балони.
Министерот за внатрешни работи на Литванија, Владислав Кондратович, изјави дека ваквите случаи се сметаат за дел од организираниот криминал.
Сличен инцидент се случил и на почетокот на октомври, кога повеќе од 20 балони, исто така натоварени со цигари, го пореметиле воздушниот сообраќај над Литванија.
Свет
Убиецот на Џон Ленон по 45 години: Го убив за да бидам познат, само скријте ме некаде под тепих

Марк Дејвид Чепмен, кој го уби Џон Ленон, рече дека го убил од патетична желба да биде некој. Тој ова го изјави неодамна пред комисијата за условно ослободување, во пресрет на 45-годишнината од шокантното злосторство.
„Ова беше поради мене и само мене, за жал, и имаше сè врска со неговата популарност“, изјавил во август седумдесетгодишниот Чепмен, кој е во казнено-поправната установа Грин Хејвен во округот Дачис, според транскриптот од интервјуто до кој во петокот дојде Њујорк Пост.
Чепмен, кој го уби обожуваниот четириесетгодишен Ленон на 8 декември 1980 година, по четиринаесетти пат безуспешно се обиде да излезе од затвор. Тој се извини за празнината што ѝ ја остави на публиката и пријателите на рок-легендата, но како што покажуваат документите, комисијата не поверувала во неговото каење.
На прашањето зошто сакал да го убие Ленон, одговорил: „За да бидам познат, да бидам нешто што не сум.“
„А потоа сфатив, еј, тука има цел“, продолжил Чепмен. „Не морам да умрам и можам да бидам некој. Толку ниско паднав.“
Во текот на претходните сослушувања за условно ослободување, Чепмен давал слични изјави поврзани со желбата за слава, кажувајќи дека сакал да биде познат и дека имал зло во себеси.
На сослушувањето на 27 август, повторно ја опишал бруталноста на убиството, кажувајќи на комисијата дека доаѓал во Менхетн од Хаваи месеците претходно решен да ја убије рок-иконата, откако се идентификувал со Холден Каулфилд од романот „Ловец во житото“ и почнал да верува дека Ленон е „лажен“.
Тогаш 25-годишниот Чепмен го чекал Ленон, но Ленон не се појавил. Два месеца подоцна, Чепмен се вратил откако опсесијата повторно почнала да се зголемува.
„Тогаш тоа утро, 8 декември, едноставно знаев. Не знам како знаев, но знаев дека тоа ќе биде денот кога ќе го сретнам и ќе го убијам“, изјавил Чепмен.
Кога Ленон излегол од лимузината со сопругата Јоко Оно, Чепмен пукал во него четири пати во грбот, само неколку часа откако му бил потпишан албумот од страна на музичарот.
Тој бил осуден на казна од 20 години до доживотен затвор.
Во последните години, Чепмен го минува времето читајќи ја Библијата навечер, играјќи одбојка со други затвореници и разговарајќи со сопругата Глорија, со која е во брак 46 години.
Чепмен изразил каење за убиството на неколку сослушувања за условно ослободување, вклучувајќи го и последното.
„Тој беше човечко битие“, рекол тој мислејќи на Ленон.
„Еве ме мене, живеам многу подолго, и не само семејството туку и неговите пријатели и фанови — се извинувам за агонијата низ која мораа да поминат. Во времето на злосторството воопшто не размислував за тоа, не ми беше гајле.“
Сепак, комисијата заклучила дека му недостасува „вистинско каење или значајна емпатија“ кон жртвите. Следното сослушување за негово евентуално условно ослободување ќе може да се одржи во 2027 година.
Чепмен сега вели дека би сакал да избегне јавен интерес.
„Веќе немам никаков интерес да бидам познат“, рекол тој.
„Само ставете ме некаде под тепих. Веќе не сакам да бидам познат, точка.“
Свет
Трамп: Не сакав бесмислен состанок со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не сакал да одржи бескорисен состанок со рускиот лидер Владимир Путин, откако планот за нивни директни разговори за Украина бил ставен на пауза. Американскиот претседател во вторникот во Белата куќа стави до знаење дека клучната пречка останува одбивањето на Москва да престане со борбите по сегашната линија на фронтот, пишува Би-Би-Си.
Белата куќа претходно потврди дека нема планови за нов состанок во блиска иднина, иако Трамп минатата недела најави средба во Будимпешта. Разликите меѓу американските и руските мировни предлози се покажале непомирливи, а претходниот самит на Алјаска не донел резултати.
Трамп изјави дека го поддржува предлогот на Киев и европските лидери за замрзнување на конфликтот на постојната линија на фронтот, со пораката: „Престанете со борбите, престанете да убивате луѓе.“
Москва, пак, се спротивставува на вакво примирје. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и министерот Сергеј Лавров порачаа дека Русија бара „долгорочен и одржлив мир“ и дека замрзнување на фронтот би било само привремено решение. Кремљ повторно инсистира на руски суверенитет над Донбас и демилитаризација на Украина.
Од друга страна, Зеленски нагласи дека вистинската дипломатија почнува со замрзнување на бојното поле и дека единствено далекуметното оружје, како американските ракети „Томахавк“, може да ја натера Русија да седне на преговори.
Некои извештаи тврдат дека Трамп и Зеленски имале остар телефонски разговор, при што Трамп го притискал украинскиот лидер да се откаже од делови од Донбас – нешто што Зеленски категорично го одбива.