Македонија
Зоран Димитровски: Не размислуваме, ниту поддржуваме идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера и денес (21-22 октомври 2025) учествува на годишната конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference), во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
На десеттата виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството, кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик-министерот Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион што истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Заменик-министерот Димитровски посочи дека нашата земја активно се приспособува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и на економските потреби на земјата. Притоа беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше истакнато дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи, како што се пактот за миграција и азил, како и акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.
Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил.
На маргините на конференцијата заменик-министерот Зоран Димитровски оствари повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри, кои учествуваат на конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

