Македонија
„Додека Данела сака да биде инфлуенсерка и троши време на театар, претпријатијата и штрајкуваат, а вработените немаат плати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Со длабоко разбирање за состојбата во која се наоѓа и за предизвиците од лична природа на кои е изложена, нема да ја коментираме Данела Арсовска. И посакуваме добро здравје и брзо опоравување. Јасно ни е, а и сите експерти кои ги консултиравме тоа ни го потврдија дека ова нејзино однесување е надвор од нејзината волја и е посилно од нејзе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се надеваме дека ќе се избори со работите кои ја оптоваруваат, и иако ова однесување не доликува на дама, овие зборови, пцовки и изливи на емоции не се нормални, ги повикуваме сепак граѓаните да не ја судат за ова.
Нејзиното неработење и грешки како градоначалник се едно, а ваквите изблици на емоции и отскокнување од нормалното и пристојното се сосема друга работа за што се надеваме дека ќе успее да го надмине ова и да се стабилизира. Мандатот за среќа на сите, а и нејзина и завршува.
Очигледно и беше преголем товар и не се снајде, правејки грешки, неработејки и создавајки тензии и соработка со најголемите бандити и криминалци од ДУИ, за кои се зборува дека имаат удел во она што таа денес го претставува како личност.
Ние направивме грешка во проценката за нејзе водени од најдобри намери и за доброто на Скопје, за што жалиме и извлекуваме поука, но ваква грешка нема да се повтори и Скопје го чекаат многу проекти, многу работа и многу заеднички успеси на кои ќе се гордеат скопјани и сите ние.
А ова време изгубено да биде поука за сите нас, од која мора да научиме. На Арсовска како личност, и најчовечки со најискрени намери и посакуваме брзо опоравување и излез од оваа внатрешна, емотивна ситуација полна со предизвици во која се наоѓа.
Исто така сакаме да напоменеме дека по нејзиниот мандат во град Скопје ќе има детална ревизија на работењето со која ќе види јавноста а и институциите кои се вистинските причини за некои работи, настани и нечие однесување“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

