Македонија
Мицкоски со порака до граѓаните: Важно е да излезете да гласате, ВМРО-ДПМНЕ се бори за подобро утре на секој граѓанин
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот настан одржан во Конче, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски во својот говор се заблагодари за поддршката во првиот круг каде 33 општини избраа градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата наспроти 3 од СДСМ и ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат на 2 ноември со заокружување на бројот 9.
„Како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција сакам да потенцирам и да биде јасно дека ќе се бориме за секој еден човек и дека никој нема да оставиме, дека нашата амбиција на овие избори е да имаме 59 градоначалнички места“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на овие избори има три опции.
„Првата е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, втората е опцијата за оние кои 7 години ја ограбуваа и уништуваа државата и третата опција е најлоша да останат гласачите дома или да го направат ливчето неважечко“, рече Мицкоски и ги повика граѓаните да излезат и да одлучат за нивната иднина.
„Вие сте тие на кои ви должиме се, ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, доаѓа од народот и затоа поддршката од народот нас ни е најважна кога велам најважна за да ги совладаме предизвиците дома за да победиме и во Конче за да имаме повисока цена на тутунот за да имаме повисока цена на пиперките за да имаме подобар живот, услови но истовремено вашата доверба ја прават нашата позиција многу посилна надвор. Затоа што не е доволно само да победувате дома ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, организација, и ја има честа да ги штити националните интереси на македонскиот народ. Затоа ни е потребна таа поддршка за да можеме да победуваме како што победуваме во Лондон во Рим, Брисел и насекаде во светот, без тоа се плашам дека ќе се вратиме во времето од пред 2 години кога беше друга влада која имаше две цели како да се наплати во политиката на грбот на народот, која брутално ги ограбуваше македонските граѓани и влада која не бираше средства како да го распродава националниот интерес и како да ја распродава Македонија, тоа беа 7 години, затоа ни е потребна вашата поддршка за да не се случува тоа што се случуваше. Затоа да излеземе и на 2 ноември да гласаме за број 9“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

