Македонија
Ѓорѓиевски најави културен дом „Есма Реџепова“ и голем стадион во Шуто Оризари
Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, денес од општина Шуто Оризари, истакна дека таа нема да биде повеќе запоставена општина, а проблемите како нефункционалноста на комунална хигиена и јавниот превоз ќе се надминат. Тој додаде и дека Шуто Оризари ќе добие нов културен дом „Есма Реџепова“, како и голем стадион на барање на младите од општината. Ѓорѓиевски истакна дека очекува голема поддршка од централната власт.
„Најпрво сакам да им честитам на сите овде во Шуто Оризари, никогаш немало ваков чин на заедништво овде и сите да се обединети на една страна, како што тоа се случува денес. Така што сум убеден дека после ова ќе следи силна победа во Шуто Оризари за мене како кандидат за градоначалник на Град Скопје, но и за Ерџан како локален градоначалник овде, кој што за прв пат во историјата ќе биде избран, а е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, во општината недостасуваат најпрво основни хумани услови за живот, а граѓаните на Шуто Оризари како што вели тој, долго време се третирани како граѓани од втор ред. Ѓорѓиевски истакна дека како иден градоначалник на Град Скопје ќе работи на рамномерен развој во секоја населба и секое населено место.
„Граѓаните од Шуто Оризари се третирани долго време како граѓани од втор ред, мојот концепт е Скопје еднакво за сите граѓани. Тоа подразбира рамномерен развој во секоја населба, во секое населено место, да сите имаат еднакви услови за живот. Дополнително, овде во програмата имаме ветено на барање на жителите културен дом, „Есма Реџепова“, место каде што младите ќе можат да се дружат да креираат, но и повозрасните да го поминуваат своето време“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски се осврна и на проблемот со дивите депонии, при што потенцираше дека дивата депонија во Шуто Оризари ќе биде исчистена, а ќе се работи на решение со нефункционалноста на комуналната хигиена, како и на јавниот превоз во градот.
„За брзо време по преземањето на власта во Град Скопје, ќе ги надминеме и како што побараа младите овде, а тоа беше најголем нивни интерес, во Шуто Оризари ќе градиме еден голем стадион“, кажа Ѓорѓиевски и додаде:
„Очекувам силна поддршка од централната власт, но има и проекти кои што ќе ги реализираме заедно со локалната самоуправа овде, со меѓуопштинска соработка“.
Ѓорѓиевски се осврна и на делот за инфраструктурата, за што нагласи дека во оваа општина се наоѓа во лоша состојба, и истакна дека ќе треба да се интервенира преку локалната самоуправа, а кажа и дека очекува силна поддршка од централната власт.
„Ќе имаме една плодна соработка наредните 4 години, комбинација од централната власт, локалната власт на градско ниво, и локалната власт овде во Шуто Оризари, се со цел да на крајот од нашите мандати шетаме овде во Шуто Оризари со крената глава, а нашиот народ овде да е задоволен и да има услови какви што ги заслужува“, заклучи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти Министерството за здравство.
По извршениот надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, Комисијата за стручен надзор има донесено заклучоци, соопштија од таму.
„Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија.
Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба .
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“.
Македонија
Новогодишни пакетчиња за децата од ОУРЦ ,,Д-р Златан Сремец”, „Димитар Влахов” и децата со оштетен слух и говор од ООУ “Кузман Јосифовски-Питу”
Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и отец Оливер Петровски од Хуманитарната Организација “Св. Спас”, денес ги посетија дечињата од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“, ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ и децата со оштетен слух и говор од ООУ “Кузман Јосифовски-Питу“. Во рамки на посетата, им поделија новогодишни пакетчиња и им посакаа среќни празници. Градоначалничката посочи дека задоволството од ваквите средби претставува дополнителен поттик за континуирана работа, со јасна определба Општина Кисела Вода и во 2026 година активно да спроведува политики и мерки за унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост.
-Секогаш се радувам на средбата со овие дечиња и на можноста Новогодишните и Божикните празници да им ги збогатиме со мигови на кои ќе се сеќаваат. Заедно со мојот драг пријател отец Оливер Петровски и хуманитарната организација „Свети Спас”, каде со негова поддршка оваа денешна благородна мисија е успешна, им поделивме пакетчиња и им посакавме среќни празници и година исполнета со многу здравје и радост. Големо е задоволството кога ја гледаме радоста кај нив, а нашата заложба е и во 2026 година, Општина Кисела Вода активно да продолжи со спроведување бројни иницијативи и проекти насочени кон поддршка и унапредување на квалитетот на живот на лицата со посебни потреби. Веруваме дека преку нашите континуирани активности ќе дадеме значаен придонес во унапредување на инклузивноста, создавање општество без предрасуди и обезбедување еднакви можности и права за лицата со попреченост-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите деца од општината во вторник, 30.12., од 10:00ч.во паркот Шопен на заедничка дружба и Новогодишна програма.
Македонија
Лукровски и советот на Општина Карпош го изгласаа општинскиот буџет и програмите за работа за 2026 година
Советот на Општина Карпош заседаваше по шести пат, при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по околу триесетина точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Првенствено, мнозинска поддршка доби Предлог – Решението со кое беа именувани претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година. Советот ја изгласа и Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинска изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на општина Карпош, за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година.
Со истата динамика беа поддржани и 17 годишни Програми за работата на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош за 2026 година. По детално разгледување на компонентите од кои е составен, беше изгласан и Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, според образложението, Министерството за финансии ја извести локалната самоуправа дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари. Притоа, средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2026 година изнесуваат 28.978.000 денари, а средствата доделени од Владата на РСМ изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок на приходи од претходната година изнесува 80.000.000 денари, така што висината на вкупниот износ на основниот Буџет на општина Карпош ќе изнесува 1.332.434.279 денари.
Земајќи го сето ова во предвид, Консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 2.159.676.279 денари и истиот ги содржи планираните извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите за 2026 година.

