Македонија
Мицкоски: Кога Јакимовски бараше поддршка го замолив да нема бетонизација, а потоа ми рече ‘морам од нешто да живеам’
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од маалска средба во општина Карпош порача дека е време за промена и крај на, како што рече, годините на „бетонизација и приватни интереси“ во оваа општина.
Во своето обраќање, тој се осврна на односите со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, за кого рече дека „ја изневерил довербата на граѓаните и коалицијата“ уште по изборите во 2021 година.
Мицкоски се наврати на 2021 година, кога, како што рече, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, побарал помош и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.
„Тогаш дојде ненајавен, вознемирен и уплашен, во паника. Го примив, му реков да седне и да се смири, да разговараме. Ми велеше: ‘Те молам, поддржете ме, ако треба ќе клекнам, само да ме поддржите. Народот може да ме оправда, да ме обели’. Му реков – немој така, не личи, си човек во години, ќе разговараме, но имам едно барање – нема повеќе бетонизација во Карпош. Граѓаните се изморени од тоа“, раскажа Мицкоски.
Според него, Јакимовски ветил дека ќе го почитува тоа барање и добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ја обезбедил градоначалничката функција.
„По изборите, кога отидов да му честитам, ми покажа маса преполна со детални урбанистички планови. Ми рече: ‘Бирај, кој е за тебе’. Го прашав што значи тоа, нели се договоривме дека нема да има нова бетонизација. А тој ми рече: ‘Морам од нешто да живеам’. Тогаш ми стана јасно дека не станува збор за ветувања, туку за интереси. Му се заблагодарив и му реков дека од мене нема да добие поддршка“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека по тој период Јакимовски започнал со лични напади, но и дека, како што рече, времето на „старите политички лица“ завршува.
„Карпош мора да ја врати својата енергија и изглед. Се работи за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Време е граѓаните да изберат чесност, а не интереси“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Карпош да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зоран Трајчевски ќе продолжи да ја води АВМУ и во наредните пет години
Зоран Трајчевски ќе продолжи да ја води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во наредните пет години, откако ја обезбеди поддршката од Советот на АВМУ за продолжување на својот мандат.
„На денешната 26-та седница, Советот на Агенцијата одлучи во наредниот петгодишен период Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја води д-р Зоран Трајчевски“, соопштија од АВМУ.
Македонија
Усвоен буџетот на општина Аеродром за 𝟤𝟢𝟤𝟨 година – најголемиот и најкапиталниот досега
Советот на општина Аеродром денеска го усвои Буџетот за 2026 година, кој претставува најголем и најкапитален буџет досега. Со овој буџет се обезбедуваат конкретни и одржливи решенија за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и се поставуваат јасни насоки за развој на општината.
Вкупната финансиска рамка изнесува:
· Основен буџет: 1.302.567.000 денари
· Капитални инвестиции: 883.375.000 денари
Буџетот за 2026 година е насочен кон инвестиции што обезбедуваат вистинска грижа, подобар живот и еднакви можности за сите жители. Средствата се распределени во повеќе клучни области – образование, социјална заштита, култура, спорт, инфраструктура, урбан развој и заштита на животната средина.
Образование и грижа за најмладите
· Доградба на ООУ „Блаже Конески“
· Доградба на ООУ „Гоце Делчев“ – Горно Лисиче
· Доградба на градинка „Изворче“ – Стар Аеродром
· Изградба на нова градинка „Пчелка 1“ – населба Лисиче
· Проект „Униформа за секој ученик“
· Обезбедување таблет за сите ученици од четврто одделение
· Награда за наставник на годината
· Награда за ученик на годината
· Субвенции за талентирани ученици и спортисти
Социјална поддршка
· Финансиска поддршка од 8.000 денари за секое новороденче
· Финансиска поддршка за првачиња
Култура, спорт и квалитетен живот
· Изградба на првиот мултифункционален центар – јадро на културата и забавата
· Изградба на нови спортски игралишта
· Изградба и уредување детски игралишта
· Поставување калистеника фитнес зони
· Нова урбана опрема во сите населени места
Инфраструктура и урбан развој
· Реконструкција на улици и пешачки површини:
- ул. „Симеон Кавракиров“ – Мичурин
- крак од бул. „3-та Македонска бригада“ (кај Метро)
- ул. „Лисец“ – Горно Лисиче
- краци на ул. „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“
- ул. „Богомилски Поход“
- ул. „Гаврил Константиновиќ“
- плочници во Ново Лисиче
· Реконструкција на ТЦ Населба Лисиче и плочник околу ТЦ „Три Бисери“
· Изградба на мост на патот Горно – Долно Лисиче
· Довршување на водоводните мрежи во Горно и Долно Лисиче
· Ново сообраќајно решение во Мичурин и Стар Аеродром за полесно движење на возилата, зголемен број паркинг-места и побезбедни пешачки и велосипедски патеки
Чиста и уредена општина
· Набавка на нова механизација за одржување на хигиената и зеленилото
· Униформи и заштитна опрема за комуналните работници
„Буџетот за 2026 година претставува јасна определба за рамномерен развој, еднаква грижа и подобро секојдневие за сите граѓани. Општина Аеродром продолжува да инвестира одговорно и стратешки, градејќи општина во која децата растат во безбедна средина, младите добиваат нови можности, а секој граѓанин чувствува поддршка и грижа.
Општина Аеродром останува посветена на заедничката цел – Аеродром по мерка на секој жител и иднина исполнета со развој, можности и доверба“, соопштува општина Аеродром.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во наредните денови стабилно и студено со ниски утрински температури
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарјето засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во првите денови од следната седмица наместа ќе се спуштат до -10 степени. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

