Свет
Тврдат дека Брижит Макрон е родена како маж, десет лица на судење во Париз
Десет лица треба да се појават на суд во Париз денес под обвинение за сексистичко онлајн-вознемирување на Брижит Макрон во најновиот случај предизвикан од години неосновани тврдења за полот на првата дама на Франција.
Судењето доаѓа неколку месеци откога Брижит и претседателот Емануел Макрон поднесоа тужба за клевета во Соединетите Американски Држави поради шпекулации на интернет дека Брижит Макрон е родена како маж. Неоснованите тврдења ја следат претседателската двојка со години, со постојани коментари за нивната 24-годишна разлика во години.
Десетте обвинети, осум мажи и две жени, на возраст меѓу 41 и 60 години, се обвинети за онлајн-вознемирување на Брижит Макрон и се соочуваат со затворска казна до две години доколку бидат осудени. Според обвинителите, обвинетите објавиле многубројни злонамерни коментари за полот и за сексуалноста на првата дама, а некои ја поврзуваат нивната разлика во години со педофилија.
Брижит Макрон поднесе кривична пријава во август 2024 година, што доведе до истраги и апсења во декември 2024 година и февруари 2025 година. Нејзиниот адвокат не одговори на прашањата на АФП, а не е познато дали првата дама ќе се појави на рочиштата.
Меѓу обвинетите е и Орелиен Поарсон-Атлан, 41-годишна специјалистка за маркетинг, позната на социјалните мрежи со псевдонимот Зои Саган, често поврзана со кругови на теоретичари на заговор. Обвинета е и Делфин Ж., 51-годишна жена, која вели дека е духовен медиум и онлајн се претставува со името Амандин Рој.
Во 2021 година таа објави четиричасовно интервју со „независната новинарка“ Наташа Реј на својот јутјуб-канал, во кое тврдеше дека Брижит Макрон, моминско Троње, всушност, е Жан-Мишел Троње, што е името на брат ѝ.
Теориите дека Брижит Макрон наводно е родена како маж се појавија за време на претседателската кампања на Макрон во 2017 година, а во последните години беа ширени од крајнодесничарските и од заговорничките кругови во Франција и во САД, каде што правата на трансродовите лица станаа клучно социо-политичко прашање.
Во јули претседателскиот пар поднесе тужба за клевета во САД против конзервативната водителка Кандис Овенс, која продуцира серија наречена Becoming Brigitte и тврдеше дека првата дама е родена како маж. Нивниот американски адвокат рече дека Макрон ќе презентира научни докази и фотографии на судот за да ги побие овие тврдења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс ја поддржува истрагата за врските на неговиот брат Ендру со Џефри Епстин
Бакингемската палата денеска соопшти дека кралот Чарлс Трети ќе ѝ даде поддршка на британската полиција која ги испитува наводите дека поранешниот принц Ендру му проследувал доверливи информации на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Соопштението следува откако полицијата потврди дека ги разгледува тврдењата според кои Ендру Маунтбатен-Виндзор во 2010 година му испраќал на Епстин извештаи поврзани со трговија.
Полицијата од областа Темз Вели, која е надлежна за регионите западно од Лондон, вклучително и Виндзор каде што се наоѓала поранешната резиденција на членот на кралското семејство, покренала истрага по медиумските објави за мејлови што укажуваат дека тогашниот принц му испраќал на Епстин извештаи од својата турнеја во Југоисточна Азија во 2010 година, кога бил британски пратеник за меѓународна трговија.
Кабинетот на принцот Вилијам соопшти дека тој е „длабоко загрижен“ поради откритијата што произлегуваат од американската истрага поврзана со починатиот сексуален престапник.
Свет
Маск: САД 1.000 посто ќе банкротираат без вештачка интелигенција и роботи
Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, предупреди дека експлозијата на американскиот јавен долг може да доведе до финансиски колапс на САД доколку вештачката интелигенција и роботиката не ја трансформираат економијата, јавува „Форбс“
Во интервју за подкастерот Дваркеш Пател, Маск изјави дека без масовна примена на ВИ и роботи, САД „1000% ќе банкротираат“. Тој посочи дека јавниот долг достигнал 38,5 билиони долари, а каматите изнесуваат околу еден билион долари годишно, што веќе го надминува воениот буџет.
Маск објасни дека неговата поддршка за кратење на државната потрошувачка, додека го водел Одделот за ефикасност на владата (DOGE), имала цел да се забави „неодржливата фискална траекторија“ и да се добие време додека новите технологии го поттикнат економскиот раст.
Тој предупреди дека масовната автоматизација може да доведе и до силна дефлација, бидејќи производството на добра и услуги би растело побрзо од паричната маса.
Сепак, експертите посочуваат дека САД имаат предности – доларот е светска резервна валута, а Министерството за финансии може да се задолжува по релативно ниски каматни стапки. Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди дека, иако е невозможно да се предвиди точен момент, некаква фискална криза е речиси неизбежна доколку не се промени насоката на фискалната политика.
Свет
Соработничката на Епстин бара помилување од Трамп за да сведочи пред Конгресот
Партнерката на американскиот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, Гилен Максвел, е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доколку ѝ биде одобрено помилување или намалување на казната од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти нејзиниот адвокат, Дејвид Маркус.
Претходно, Максвел одби да сведочи, повикувајќи се на уставното право да молчи и одбивајќи да одговара на прашањата на членовите на комитетот.
„Ако овој комитет и американската јавност навистина сакаат да ја слушнат нефилтрираната вистина за тоа што се случило, постои едноставен пат. Госпоѓа Максвел е подготвена да зборува целосно и искрено ако претседателот Трамп ѝ одобри помилување“, напиша Маркус на социјалната мрежа Икс.
Како причина за одбивањето да сведочи, одбраната наведе дека е во тек постапка за преиспитување на законитоста на пресудата, тврдејќи дека осудителната пресуда се темели на „фундаментално неправедно судење“.
Во соопштението се наведува и дека дел од поротниците за време на изборот на поротата дале неточни изјави за да бидат избрани, како и дека администрацијата наводно ветила имунитет, кој потоа бил прекршен – нешто што, според адвокатот, го потврдуваат новообјавените документи.
„Само таа може да даде целосен приказ на настаните. Вистината е важна, дури и ако на некого не му се допаѓа“, наведува Маркус, додавајќи дека ниту Трамп ниту поранешниот претседател Бил Клинтон „не учествувале во никакви незаконски дејствија“ и дека Максвел може да објасни зошто.
Претседавачот на Комитетот за надзор, републиканецот Џејмс Комер, ја оцени одлуката на Максвел да се повика на правото на молчење како „многу разочарувачка“, истакнувајќи дека пратениците имале бројни прашања за кривичните дела и можните соучесници.
Демократите во комитетот ја обвинија Максвел дека се обидува да „купи помилување“ со одбивањето да сведочи.
Според Си-Ен-Ен, Трамп досега не ја исклучил можноста да ѝ одобри помилување или намалување на казната.
Трамп и Клинтон, чии имиња се појавуваат во документите објавени од американското Министерство за правда, негираа било каква вмешаност во незаконски активности поврзани со Епстин.
Гилен Максвел во 2021 година беше прогласена за виновна за улогата во сексуалното злоупотребување малолетнички организирано од Епстин и беше осудена на 20 години затвор.
Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

