Култура
Изложба на Лудовико Елиа Персич и Ана Трајковска „Идентитески паралели“ во КИЦ -Скопје
Изложба на Лудовико Елиа Персич и Ана Трајковска насловена „Идентитески паралели“ ќе биде отворена во Културно-информативен центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 2, на 04 ноември, со почеток во 20.00 часот.
Изложбата „Идентитетски паралели“ од уметниците Лудовико Елиа Персич ( Италија) и Ана Трајковска (Македонија) е дел од настанот „ Уметник во престој“ кој е во рамките на европскиот проект Креарт кој се одржува во КИЦ шеста година по ред а е финансирана од град Скопје.
Кон уметничките фузии на Лудовико Елиа Персич и Ана Трајковска
Традиционално во рамките на CreArt, проект кој е исклучителна платформа за запознавање и вмрежување на уметници, уметнички форми, истражувања и реализации од различни европски градови, во Културно-информативниот центар во Скопје со своја заедничка изложба се претставуваат визуелните уметници кои оствариле соработка во период од еден месец. Годинава, со свои дела изработени во текот на еден месец, се презентираат двајца млади уметници – Лудовико Елиа Персич од Венеција, Италија и Ана Трајковска од Скопје, Македонија. Двајцата автори, кои можеби млади според својата возраст, но зрели во однос на нивното доживување на креативните процеси, ни го претставуваат сопствениот интимистички и длабоко промислен творечки концепт преку неколку серии на дела изработени во комбинација на повеќе различни техники.
Ана Трајковска ни се претставува со трилогија, налик на мала ретроспектива, во која критички се осврнува на елементите круцијални за сопствениот досегашен творечки развој. Оваа трилогија започнува со серијата „Почетоци“ која е објаснета веќе преку самиот наслов, нудејќи ни увид во нејзиниот ран фигуративен сликарски период, при што експресивниот колоритен гест е одраз на тогашните влијанија во кои асоцијативно доминира човекот кој преку својата грчевита појавност, збунетост, напор, отпор…, го бара својот излез од позицијата на заглавеност во личните и колективни состојби. „Истражување“ е следната серија кога авторката го евоцира периодот отворен кон асоцијативно апстрактни експерименти во творештвото, бегството од фигурацијата, насоченоста кон истражувања на нови сликарско-графички комбинирани техники во кои линијата, темната боја, графизмот, разните елементи со својата симболичност (принтови, матрица, тарот карти) добиваат улога на носители на значење. Последната серија „Градот убав“ е носталгично навраќање кон детството, и, претставувајќи ја последната творечка преокупација кон целосно апстрактен израз и ослободување на објектноста (со елементи на реди-мејд), нуди нови наративи и индивидуални исчитувања на историјата на објектите во градот, идеализмот на нивното создавање наспроти запуштеноста, заборавеноста и конечната деструкција, но и пресоздавање преку авторска реинтерпретација. Во делата на Ана Трајковска бојата е постојано присутна од почетоците, а првичните мултиплицирани ликови и фигури сега се трансформираат во апстрактните фрагменти – боените фасадни плочки паднати од повеќекатниците на Скопје.
Лудовико Елиа Персич како појдовен момент во сопственото творечко истражување и презентирање користи две основни повторливи теми – автопортретот и лончето за кафе. Лончето за кафе, конкретно традиционалното октагонално италијанско „лонче“ за кафе, секојдневен употребен предмет, се восприема и како дел од италијанското културно наследство од 1933 година, но во случајов егзистира како метафора за уметничкиот процес кој се одвива во повеќе последователни фази: основата со кафе во која се наоѓа базата на уметноста, идеите кои се процесуираат во мозокот како низ филтерот во средишниот дел, горниот дел ја носи симболиката на „готовото“ кафе, а самата фузија на креативниот процес, односно претставувањето на уметноста конечно финишира во шољата за кафе преку која се конзумира подготвената содржина. Понатаму тој ги продолжува своите истражувања на кафето како медиум (со сопствена структура, текстура и тоналитет), па дури и претставувањето на различни перспективи на позицијата на лончето во мултиплицирани низи нуди асоцијации за безграничната игра на уметноста, при што ваквиот третман на продукт од конзумеристичкото општество добива поинаква намена, употреба и контекст. Неговите автопортрети се израз на различни емотивни моменти, додека, пак, фигурите (автопортретни, со попартистички призвук) се сместени во амбиент во кој доминира смиреност и опуштеност како на опкружувањето, така и на самата позиција на телото, и во кохезија со доминантната сина боја, одразуваат ефемерна, надреална, меланхолично-носталгична атмосфера за уметникот кој контемплира за уметноста со шоља кафе и своето куче.
Лудовико Елиа Персич ја подигнува секојдневната предметност на поинакво контемплативно-медитативно ниво во релација со интроспекцијата и авторефлексијата, додека кај Ана Трајковска пак, интроспекцијата се доживува како патека со рекогносцирање на творечкиот процес во сите лични развојни фази. Овие двајца автори се исклучително интересен креативен тандем бидејќи, не само што презентираат две уметнички перспективи и сензибилитети, тие се и сериозно посветени истражувачи кои експериментираат со различни изразни и технички средства, и поседуваат длабоко посветен аналитички и критички однос кон интроспекцијата во различни контексти.
Маја Чанкуловска-Михајловска
Лудовико Персич, италијански визуелен уметник, студирал графички уметности во средното училиште „Џовани Село“ во Удине. Потоа се стекнал со диплома по истата насока на Академијата за ликовни уметности во Венеција. Моментално посетува магистерски студии по конзервација на културното наследство и историја на современата уметност на Универзитетот „Ка’ Фоскари“ во Венеција. Своето место во светот на уметноста го зацврстил преку работа во две независни уметнички галерии, како и на Биеналето за архитектура и на Биеналето за филм.
Неговите главни интереси моментално се насочени кон постмодерната промена во западната свест, кафематите и автопортретите. Иако неговите уметнички дела тежнеат кон целосност и интегритет, Лудовико често ги остава фрагментирани, недовршени — како симбол на загубата на интегритетот на Западот по трагот на револуционерните емпиристички, егзистенцијалистички и постмодерни филозофи.
Ана Трајковска родена 1995, Скопје е интердисциплинарна уметница. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Работи како асистент на Европски универзитет – Факултетот за арт и дизајн, а активно држи и часови по цртање и сликање. Нејзината уметничка практика е насочена кон експеримент во графичкиот медиум и неговата интеграција со други визуелни форми, трагајќи по нови начини на визуелна комуникација.
Зад себе има неколку самостојни изложби („Трансфигурации“, МКЦ; „Црно и бело“, Куманово; „Тоа е тоа што е“, Струга; „Flux – Revelations“, КИЦ) и ,,Системи на кршливост” изложба со Доротеј Нешовски во НГМ Мала станица 2025та. Има бројни групни учества во земјата и странство (Франција, Хрватска, Србија, Турција). Добитничка е на награди од Агенцијата за млади и спорт и од ДЛУМ. Во својата работа Трајковска го користи уметничкиот јазик како средство за општествен дијалог, истражувајќи теми како идентитет, култура и општествени промени.
Изложбата ќе биде отворена до 16.11.2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.

