Култура
Oбјавен романот „За мајките се’ најдобро“ на хрватската писателка, Сања Пилиќ
„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „За мајките сè најдобро“ на познатата и најчитаната хрватска писателка за деца Сања Пилиќ. Ова е нејзиниот прв роман, првпат објавен во 1990 година, за кого ја доби книжевната награда „Григор Витез“ и долг период е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска.
Овој роман зборува за проблемите на пишувањето, за техниката, ликовите, заплетот, но и за животот на писателот, за неговиот социјален и финансиски статус и за проблемот на усогласување на пишувањето како професија и за семејниот живот. Зборува за мајчинството, но од перспектива на мајка која чувствува дека прерано пораснала и дека нејзиниот „возрасен“ живот ѝ забранува многу работи за кои копнее. Тоа се некои детски желби и фантазии, но и време за себе и за сопствените интереси.
Романот зборува и за семејното секојдневие, за обичните мајчински проблеми, за готвењето ручек, детските игри и проблеми, брачните врски и пријателствата. Сепак, сè е раскажано од перспектива на мајката која, како и сите други, има свои индивидуални потреби, проблеми и соништа што се во спротивност со нејзиниот мајчински идентитет.
„За мајките сè најдобро“ нема силен заплет, што значи дека во преден план не се заплетите, интригите и општите настани, туку романот е многу „разигран“ и непредвидлив, но не толку поради настаните во него, колку поради начинот на кој е напишан. Писателката често си игра со зборови, како на пример во следните реченици: „Лицемерите не се мерачи на лицето…“, „Валдемар има полутетка. Затоа тој ја полуслуша“… Таа, исто така, измислува свои зборови, користи сленг изрази, си игра со поговорки, со правопис и пишување со големи букви, со графички приказ или со празниот простор на страницата.
Сања Пилиќ (1954 година, Сплит, Хрватска) дипломирала на Факултетот за применети уметности, отсек фотографија. Работела како фотограф, трик-снимател и колорист на цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
Објавила повеќе од осумдесет книги, вклучувајќи сликовници, книги за деца и млади и книги за возрасни. Добила бројни награди и признанија за својата работа. Неколку нејзини книги се задолжителна лектира за основните училишта, меѓу кои и овој роман, а повеќе наслови се толку популарни што се објавени во повеќе од десетина изданија.
Нејзини најпознати дела се: „За мајките сè најдобро“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Па, не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор на успех“, „Мала торба, голема слобода“, „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“ и други. За своите дела добила повеќе награди и признанија. Освоила над дваесет награди, а номинирана е за двете највисоки меѓународни награди за книжевност за деца „Ханс Кристијан Андерсен“ и Меморијалната награда Астрид Линдгрен (АЛМА).
Нејзини книги и текстови се преведени на повеќе јазици, а ова е втора нејзина книга на македонски јазик, по „Баш сум хепи!“, книга со куси раскази, исто така во издание на „Македоника литера“.
Сања Пилиќ (1954) е автор на повеќе од седумдесет книги, меѓу кои сликовници, книги за деца и за млади и книги за возрасни. На списокот на задолжителни лектири за основните училишта во Хрватска има повеќе наслови, а повеќето од нив се публикувани по десетина изданија. Нејзини најпознати дела се: „Сè најдобро за мајките“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Е, баш не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор за успех “, „Мала торба, голема слобода“ „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“, „Баш сум хепи!“ и многу други.
Добитничка е на дваесетина награди и е номинирана за меѓународната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за 2024 година, како и за наградата АЛМА (Astrid Lindgren Memorial Award) за 2024 година.
Нејзини текстови се преведени на словенечки, англиски, германски, холандски, италијански и унгарски. Нејзини книги се преведени на словенечки, бугарски и албански јазик. „Баш сум хепи!“ е прва нејзина книга објавена на македонски јазик. Дипломирала на Факултетот за применета уметност, отсек фотографија. Работела како фотограф, снимател на кинематографски ефекти и сликар на сцени за цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

