Македонија
Во првиот круг од локалните избори не се констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите
																								
												
												
											Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година, за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Мониторингот опфати 11 национални програмски сервиси – МРТ 1; МРТ 2; Собранискиот Канал на МРТ; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести; ТВ Компани 21-М и ТВ Шења при што фокусот на анализата беше ставен врз облиците на изборно медиумско претставување. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
„За Локалните избори, имаше дури 153 учесници во изборите и се покажа дека секој нареден изборен процес станува се потешко, па дури и невозможно, целосно да се исполнат принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето зашто и времето во вестите е ограничено, и техничките и кадровските капацитети, дури и на најголемите телевизиски куќи не се толку големи за медиумски да ги покријат сите кандидати“, велат од АВМУ.
За време на изборната кампања во првиот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Прекршувања беа констатирани само за време на изборниот молк од страна на 4 радиодифузери.
Во однос на балансот во дневноинформативните емисии (ТВ дневник/вести), сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите.
Десет телевизиски програмски сервиси емитуваа интервјуа со учесниците во изборната кампања. ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитуваа во дневноинформативните емисии, со тоа што Сител, освен 10-те интервјуа на изборни теми во вестите, емитуваше и 13 интервјуа во други емисии. Најмногу интервјуа емитуваа ТВ Алсат-М (вкупно 30), ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12). Освен ТВ Сител, сите други анализирани телевизии емитуваа дебати. Најмногу дебати имаше на ТВ 24 Вести (24) и на ТВ Телма (24), по што следуваат МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11).
Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелноинформативна емисија неделно.
МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот сервис ја исполнија обврската од Изборниот законик и на кандидатите им понудија можност за бесплатно политичко претставување. Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година е достапен на веб страницата на АВМУ на линкот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
														Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .

