Свет
Белгиската армија доби наредба да соборува непознати дронови
На белгиската армија ѝ е наредено да ги собори сите непознати дронови што летаат над нејзините бази, потврди синоќа шефот на одбраната Фредерик Вансина. Оваа одлука следеше по низа инциденти, вклучувајќи го и оној во неделата навечер кога четири дронови беа забележани над воздухопловната база Клајне-Брогел, што беше трета ноќ по ред со таква активност над воени и цивилни локации во Белгија, пишува новинската агенција Белга.
Вансина беше јасен: „Ако се појават дронови над воените бази, армијата ќе ги собори“.
Сепак, тој нагласи дека дронови можат да бидат соборени само ако тоа може да се направи безбедно, „без да се предизвика колатерална штета“. Шефот на армијата призна дека задачата не е едноставна, со оглед на тоа што авионите се мали, многу агилни и летаат ноќе.
Инциденти со дронови не се случиле само над воената база. Истата вечер, локалната полиција добила пријава за десетина дронови над индустриската зона Мехелен-Зуид, но пребарувањето на терен не дало резултати.
Вансина призна дека ресурсите на Белгија за борба против дронови, вклучувајќи опрема за детекција, уреди за блокирање и пиштоли против дронови, во моментов се ограничени. Тој додаде дека програмата за заштита од дронови се спроведува брзо и дека планот наскоро ќе биде презентиран пред Советот на министри.
Воздухопловната база Клајне-Брогел во понеделник издаде упатства за жителите на Пер и околното подрачје за тоа што да прават ако забележат сомнителни дронови. „Сомнителната активност треба да се пријави во полицијата што е можно поскоро“, се вели во упатствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за апсењето на Ендрју: „Мислам дека тоа е срамота, многу е тажно“
Американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, оценувајќи дека станува збор за срамота за британското кралско семејство.
„Мислам дека тоа е срамота. Многу е тажно. Тоа е толку лошо за кралското семејство. Навистина ми е многу, многу тажно“, изјави Трамп.
Тој изрази жалење и за последиците што случајот може да ги има врз кралот Чарлс III, за кого рече дека е фантастичен човек и дека наскоро треба да ги посети САД.
На прашање дали слични апсења може да се случат и во САД, Трамп избегна директен одговор и повтори дека е целосно ослободен од каква било вина поврзана со случајот на Џефри Епстин.
„Јас сум на некој начин експерт за тоа бидејќи сум целосно ослободен од обвиненијата“, рече Трамп, додавајќи дека аферата била искористена за да му се нанесе политичка штета.
Свет
Поранешниот принц, Ендрју, пуштен од полициски притвор, но и натаму под истрага
Ендрју Маунтбатен-Виндзор е ослободен од полициски притвор по неговото апсење под сомнение за злоупотреба на јавната функција.
Поранешниот принц беше приведен од полицајците за време на рација во 8 часот наутро во неговиот нов дом во Вуд Фарм, на имотот Сандрингем, објави „Дејли Меил“.
Полицијата појасни дека истрагата против Ендрју е во тек, иако тој е ослободен.
Поранешниот војвода од Јорк беше уапсен во врска со наводите дека му пренел чувствителни информации на осудениот финансиер и педофил, Џефри Епстин додека дејствувал како трговски претставник на британската влада.
Братот на Ендрју, кралот Чарлс III, не бил однапред предупреден за апсењето, се дозна денес. Тој изјави дека „законот мора да се почитува“ и повика на „фер судење“.
Свет
(Видео) Трамп за претседателот на Парагвај: Млад и згоден, но јас сакам жени
Денеска беше одржан првиот состанок на Одборот за мир на Доналд Трамп, на кој говореше и американскиот претседател. Покрај заканите упатени до Иран и планот за Газа, тој го коментираше и физичкиот изглед на 47-годишниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења.
„Млад, згоден човек. Секогаш е убаво да се биде млад и згоден. Тоа не значи дека мора да го сакаме. Не сакам млади, згодни мажи. Сакам жени. Мажите воопшто не ме интересираат“, рече Трамп.
Trump: Young, handsome guy. Always nice to be young and handsome. Doesn’t mean we have to like you. I don’t like young, handsome men. Women I like. Men I don’t have any interest. pic.twitter.com/E7P1qhExyp
— Acyn (@Acyn) February 19, 2026
За време на основачкиот состанок во Вашингтон, Трамп испрати и порака до Иран дека мора да постигне „суштински договор“ за запирање на својата нуклеарна програма или, како што рече, „ќе се случат лоши работи“.
Тој додаде дека други земји веќе придонеле со повеќе од седум милијарди долари за помош за Газа во рамки на иницијативата на Одборот за мир.

