Економија
Народната банка го задржува внимателниот пристап − каматните стапки остануваат непроменети
Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за состојбите во домашната и светската економија, најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и согледувањата од најновите макроекономски проекции на среден рок, во контекст на поставеноста на монетарната политика. Најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка беше разгледан и усвоен на седницата на Советот на Народната банка.
„Во согласност со тековните економски услови, најновите макроекономски проекции и со оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, на седницата на Извршниот одбор беше одлучено каматните стапки да останат непроменети. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Ваквата поставеност е дополнително поддржана од неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и од одлуките поврзани со управувањето со системските ризици. Комбинираното влијание на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици. Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Нaродната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека инфлацијата и натаму е во фокусот на монетарната политика. „Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4%. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени“, соопшти Народната банка.
Од таму соопштија дека состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. „На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво. Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви“, соопштија од Народната банка.
На седницата е утврдено дека во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2% покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност.
Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,6% кај депозитите и 7,3% кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.
„Општо земено, со последната одлука на Народната банка се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај клучните макроекономски показатели, нивните очекувани трендови во наредниот период и со проценетите ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

