Свет
Украина обвини седум лица во корупциски скандал вреден 100 милиони долари
Украинските власти подигнаа обвинение против седум лица поврзани со корупциска афера вредна околу 100 милиони долари, во која се инволвирани високи функционери на државната енергетска компанија „Енергоатом“.
Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) соопшти дека привело пет лица, а идентификувало уште двајца осомничени за вмешаност во шема за злоупотреби при јавни набавки во државните претпријатија, особено во „Енергоатом“.
Како главен организатор на аферата се спомнува Тимур Миндич, поранешен бизнис-соработник на претседателот Володимир Зеленски. Миндич, кој работеше во продуцентската куќа „Квартал 95“, каде што Зеленски ја изгради својата кариера пред да влезе во политиката, не одговори на барањето за коментар.
Меѓу обвинетите се и поранешен советник на министерот за енергетика, шефот на безбедност на „Енергоатом“, како и неколку вработени во компанијата. Министерството за правда потврди дека против поранешниот министер за енергетика Герман Галушченко биле спроведени истражни дејства, но не е познато дали е поврзан со оваа истрага.
Истрагата се води во време кога Украина се подготвува за нова зимска сезона со можни прекини на струја поради руските напади, а „Енергоатом“ има клучна улога во снабдувањето со електрична енергија во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Франција ќе им помогне на Палестинците да изработат устав за идната држава
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ѝ помогне на Палестинската самоуправа во изработката на устав за идната палестинска држава. Изјавата ја даде по средбата со Махмуд Абас во Париз.
Макрон најави формирање заеднички француско-палестински комитет кој ќе работи на правните, институционалните и организациските аспекти на идниот устав. Тој додаде дека Франција ќе обезбеди 100 милиони евра хуманитарна помош за Газа до крајот на годинава.
Абас истакна дека Палестина се залага за „држава посветена на дијалог, мир и владеење на правото“.
Франција, Велика Британија, Канада и Австралија годинава ја признаа палестинската држава, со што се приклучија на повеќе од 140 земји кои го поддржуваат нејзиното создавање. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, го осуди овој чекор, оценувајќи дека со тоа „се наградува Хамас“.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

