Забава
Концерт на Божо Вреќо на 21 ноември во Скопје
Божо Вреќо, најпознатата босанскохерцеговска ѕвезда на денешницата, на 21 ноември доаѓа во Скопје каде што ќе настапи во Македонската филхармонија.
Вреќо е лирски тенор кој со својот ангелски глас ги испева најдлабоките емоции. Неговиот пристап е навистина катарзичен, трансверзален и уникатен, како што пишуваат светските медиуми како францускиот ARTE, американскиот New York Times и шпанскиот El Periodico.
Споменатите медиуми го нарекуваат и „икона на слободата, ангелски глас што ги милува душите и ги отвора срцата“. За неговата популарност и квалитет најдобро зборува фактот дека билетите за концертот кон крајот на минатата година во Сараево беа распродадени за само седум часа. Вреќо пее за љубовта, копнежот и раздвоеноста, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој стих на Божо е како исповед и признание на љубовта, оттаму и магијата на неговите концерти. Тој соработува со особените уметници од светски глас со кои има напишано и нови севдах текстови што неговата сè побројна публика едноставно ги обожава, од „Лејлија“ па сè до „Саба“. Божо Вреќо навистина се одликува со несекојдневен опус, бидејќи вредно работи на музиката и на истражувањето на балетот и операта, како и на документарни филмови за севдалинката, на која ѝ дава и свој авангарден придонес.
Секако, ги проучува и мистичностите на балканската автохтона монофона и полифона музика. Неговите концерти се вистински суфи транс кој во себе го носи севдахот во неговата изворна и целосно ослободена форма. Кај луѓето ги ослободува сите потиснати емоции и предизвикува солзи на концертите, како и некои натприродни енергии кои се прелеваат од човек на човек и заедно создаваат бран воодушевување, љубов и катарза. Двојноста со која зрачи овој несекојдневен уметник го прави еден од најзначајните интерпретатори на модерниот карасевдах, кој жанровски навлегува и во сферите на џезот, блузот, спиритуалното и полифоното.
Билетите се достапни на karti.com.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Ејми Шумер ослабе, па ги избриша сите стари фотографии од „Инстаграм“
Ејми Шумер одлучи да почне одново на „Инстаграм“. 44-годишната комичарка и актерка ги изненади своите следбеници со бришење на сите претходни објави од својот профил оставајќи само една нова фотографија, на која позира во црвен фустан. Таа го објасни својот потег едноставно велејќи дека нема причина за тоа.
На новата фотографија ѕвездата од Trainwreck носи црвен мини фустан од „Валентино“ во облик на срце, кој го комбинира со чевли од „Шанел“.
View this post on Instagram
„Се чувствувам добро и среќно. Ги избришав моите стари фотографии без причина!“, напиша таа.
Неколку часа пред да го избрише својот профил, таа објави снимка од екранот од својата прва објава во своите инстаграм-приказни. „Мојата прва објава на ‘Инстаграм’. Ќе ги избришам сите – зошто да не?“, напиша таа.

Потегот доаѓа откога Шумер неодамна отворено сподели фотографии што го документираат нејзиното патување за слабеењето. Кон крајот на октомври таа објави серија фотографии со натпис „Се чувствувам силно и своја“.
Актерката претходно отворено зборуваше за своите проблеми со тежината, вклучувајќи ги и липосукцијата во 2022 година и ужасното искуство со лекот „оземпик“.
„Го имам генот GDF15, што ми прави исклучителна мачнина, поради што бев толку болна за време на бременоста“, рече таа во јануари во емисијата „Хауард Стерн“. „Значи, го пробав ‘оземпик’ пред речиси три години и бев како прикована за кревет. Повраќав, а потоа немате енергија. Но, другите луѓе го земаат и сè е добро. Па бог да ги благослови“.
Откога го проба „оземпик“, таа се префрли на друг лек – GLP1, „мунџаро“, три години подоцна. Во март оваа година таа објави видео во кое вели дека имала одлично искуство по втората инјекција.
Откога јавно ја сподели дијагнозата за Кушингов синдром во 2024 година, Шумер рече дека сака да стане застапник за женското здравје.
Кушинговиот синдром е ендокрино нарушување предизвикано од долготрајно покачено ниво на хормонот кортизол во телото и може да се појави поради прекумерно производство на кортизол или како резултат на земање глукокортикоидни лекови. Симптомите вклучуваат тркалезно лице, акумулација на маснотии во абдоменот и на вратот, тенка кожа, модринки, замор, висок крвен притисок и остеопороза.
„Срамот и критиките кон нашите постојано менувачки тела се нешто со што се справувам и на кое сум сведок долго време“, рече таа во видео на „Инстаграм“ во тоа време. „Толку многу сакам жените да се сакаат себеси и да бидат немилосрдни во борбата за сопственото здравје во систем што обично не им верува“.
Забава
Актерката што регрутира жени во култ сега учи како да спасува луѓе
Актерката Алисон Мек, најпозната по улогата во серијата „Смолвил“, по излегувањето од затвор, се обидува да изгради нов живот и кариера.
Таа беше уапсена во 2018 година поради учество во сектата НХИВМ, која се претставувала како организација за самопомош, а всушност служела за сексуално искористување жени. Во 2021 година беше осудена на три години затвор, а пуштена е во 2023.
Мек денес студира социјална работа и вели дека сака да го посвети животот на помагање на другите. Во седумделниот поткаст „Алисон афер НХИВМ“ призна дека ја злоупотребила својата моќ, но и дека дел од неа навистина сакал да им помага на луѓето.
Во сектата таа имала улога на шефица што регрутира жени уверувајќи ги дека станува збор за програма за женска моќ. Жените биле подложени на изнудувања, глад, жигосување и сексуална злоупотреба од водачот Кит Раниер, кој е осуден на 120 години затвор.
Забава
Прогласен најдобриот европски град за одмор без автомобил
При планирање патување во еден од европските градови добриот јавен превоз и лесните пешачки патеки се клучни за целокупното искуство. Ново истражување откри кој град нуди најдобри услови за истражување без автомобил, а победникот, за многумина, е Атина.
Хотелската компанија „Акор“ анализира податоци за градовите на целиот континент земајќи предвид фактори, како што се пешачките зони во центарот на градот, разновидноста и достапноста на јавниот превоз и близината до главните атракции, пишува „Дејли мејл“.
Атина е на врвот со речиси совршен резултат
Грчката престолнина го освои првото место со импресивен резултат од 99,75 од 100. Особено се издвои со својата пешачка зона што го опкружува Акропол овозможувајќи им на туристите да уживаат во историските знаменитости без пречки. Атинските квартови, како што се Плака, Монастираки и Псири, се лесно достапни пеш, а крајбрежјето и аеродромот се добро поврзани со трамвај и метро.
Интересни факти за Атина
Улична уметност и модерни населби – Атина е полна со мурали, алтернативни галерии и подземни простори. Квартови како Кипсели и Панграти денес се вистински креативни центри со винтиџ-продавници, модерни барови и коворкинг-простори.
Мал остров во средината на метрополата – населбата Анафиотика, сместена под Акропол, изгледа како да сте патувале на Санторини – бели куќи, сини прозорци и тесни улички. Совршено за инста-фотографии и кратко бегство од градската толпа.
Град и плажа во ист ден – само 30 минути ве делат од центарот до морето. Атинската ривиера нуди кафулиња, барови на плажа и кристално море – идеално за комбинација од култура и релаксација.
300 сончеви дена годишно – Атина има повеќе од 300 сончеви дена годишно, што значи дека речиси секогаш е време за тераса. Совршено за долг појадок, улична храна и прошетка низ старите квартови.
Кафето како начин на живеење – Грците го измислиле фрапето, а кафето е нивен ритуал. Секоја улица има свое ит-кафе – од минималистички пекарници до тераси на покривот со поглед на Акропол. Комбинација од античко и футуристичко. Во ист ден можете да го разгледате Партенон, да пиете кафе под муралот посветен на Сократ и да работите од футуристички коворкинг-простор. Атина живее во ритамот на старото што се среќава со новото.
Локален дизајн и винтиџ-сцени – грчките брендови или концепт-продавниците во центарот нудат локален дизајн, ракотворби и облека со карактер. Нема брза мода – само автентичност.
Ноќен живот со поглед – Атина е полна со барови на покривите со поглед на Акропол, како и неформални клубови со жива музика и диџеи.
Минхен и Лисабон се веднаш зад Атина
Минхен се најде на второто место со резултат од 97,7. Посетителите што пристигнуваат со авион лесно може да стигнат до историскиот центар на градот со воз, а самиот центар е идеален за истражување пеш. Градот нуди и густа мрежа на трамваи и удобна линија на метрото.
Лисабон се најде на третото место со резултат од 91,28 за разновидност на транспортот. Португалската престолнина нуди широк спектар на опции – од метро до фериботи, што ги носат посетителите по реката Тахо.
Бугарската престолнина Софија се најде на високото четврто место со резултат од 88,16. Градот постигна 90 проценти за пристапност и практичност, а се издвојува со 24-часовен билет за превоз, што чини само две евра. Посетителите може да пешачат до многу од знаменитостите на градот.
Најдобрите европски градови за одмор без автомобили:
Атина
Минхен
Лисабон
Софија
Хамбург
Виена
Порто
Мадрид
Цирих
Лион

