Македонија
„130 милиони евра блокирани, загрозени 3.000 бизниси и 10.000 вработувања“, Николовски бара оставка од Трипуновски
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагираше на интервјуто на министерот Цветан Трипуновски кој иако призна дека ИПАРД програмата е суспендирана но ниту презеде одговорност ниту понуди решенија.
„Министерот Трипуновски видно нервозен излезе на телевизија и наместо да понуди решение сам потврди дека ИПАРД е суспендиран– без да каже колкава е штетата, без да каже колку ќе трае проверката за корупција и криминал на неговите најблиски соработници, една од тие и негова посебна советничка“ вели Николовски.
Тој предупредува дека се загрозени 130 милиони евра европски средства, пари што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 нови работни места.
„Овие пари не се бројка на хартија, тоа се грантови за реални луѓе, за млади земјоделци, за семејства кои вложиле сопствени средства и надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес се изневерени,“ истакнува Николовски.
Николовски го осуди и нападот на министерот врз претходните успешни програми што создадоа над 4.000 нови мали производители и илјадници семејства кои денес живеат од сопствен труд.
„Наместо да превземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати, тој нападна над 4.000 нови мали производители, нови семејства кои денес живеат од сопствен труд. Програми што беа симбол на успех, сега се цел на безмислени критики.“
Јас денес понудив конкретни решенија, транспарентно и одговорно, за доброто на земјоделците и државата. Тој ги одби и избра да обвинува без никакви докази, додаде Николовски.
„Мојата борба не е против никого лично, туку за секој земјоделец кој денес чувствува дека е изневерен. Нудам помош и конкретни решенија и ќе ги понудам и на неговиот наследник, на секој што мисли добро за државата,“ порачува Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студени утра, посвежи денови: променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Без струја делови од Аеродром и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 13.01.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Ѓорѓи Андреевиќ Кун. (општина Аеродром)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. 23 Село Сопиште (со сите подулички). (општина Сопиште).
Фото: pexels
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР

