Македонија
Трипуновски му возврати на Николовски: Твојата политичка кариера е завршена, Владата ќе се бори против корупцијата
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку објава на „Фејсбук“ остро му возврати на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој претходно го критикува за суспензијата на ИПАРД-програмата, со што, како што тврди, загрозени се 130 милиони евра европски средства.
Трипуновски обвини дека Николовски умот го користи исклучиво за криминал и ширење страв кај земјоделците. Според него, политичката кариера на Николовски е завршена, а неговите јавни реакции се обид да остане во фокусот.
Министерот оцени дека Николовски треба да го повика Основното јавно обвинителство да го истражи неговото работење во времето кога бил министер. Тој повтори дека нема простор за загриженост за ИПАРД нагласувајќи дека Брисел ја поздравил брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Сега има закон, правила и прописи што мора да се почитуваат. Секој што згрешил пред законот ќе одговара“, напиша Трипуновски и додаде: „Љупчо, ти текнува ли кога беше антикорупционер и врвно достигнување ти беше броењето испиени чаши вода на министрите, а тоневте во криминал цела влада? Е па сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС како до сега заврши“.
Неговите коментари следуваат по критиките на Љупчо Николовски, кој реагира на телевизиското интервју на министерот. Николовски тврдеше дека Трипуновски признал оти ИПАРД-програмата е суспендирана, но не понудил одговорност или план за решавање на ситуацијата.
Тој предупреди дека се загрозени 130 милиони евра европски средства, што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 работни места. Според Николовски, станува збор за пари на млади земјоделци и семејства што вложиле сопствени средства и доверба во програмата.
Николовски го обвини министерот дека ги омаловажил претходните програми што, како што наведе, создале над 4.000 нови мали производители. Тој рече дека понудил конкретни и одговорни решенија, но Трипуновски ги одбил.
„Мојата борба е за земјоделците што денес се чувствуваат изневерено“, напиша, меѓу другото, Николовски, кој бара оставка од Трипуновски.
Обвинителството претходно соопшти дека се приведени пет лица поради сомнение за злоупотреба во постапката за користење средства од ИПАРД-програмата. Според соопштението, првоосомничениот, управител на правно лице, е осомничен за продолжено кривично дело давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание, три лица се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а едно лице за продолжено кривично дело примање поткуп.
Според истрагата, управителот, од крајот на февруари до денот на апсењето, директно и преку посредници му ветил подарок – пари во значителен износ на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во шемата како посредници учествувале и даночен референт во УЈП и државен службеник од Министерството за земјоделство, кои го поттикнале директорот да потпише договор за користење средства од ИПАРД-програмата, иако компанијата не ги исполнувала условите на јавниот повик.
Во замена за потпишување на договорот директорот на Агенцијата наводно прифатил ветен подарок од 50.000 евра, а при претрес биле пронајдени и одземени 400 евра, кои се дел од договорената сума.
Обвинителството соопшти дека побарало од судијата на претходна постапка да им биде определена мерка притвор за сите осомничени лица.
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за привремен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Од тука објаснија дека одлука следува по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден се известени Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.
Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.
„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.
Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Трајановски е активен на политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Мицкоски: Ако може и да не сме Македонци ќе бидеме најдобри, некој ни прави булинг за да не сопре да напредуваме кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе ги заврши сите обврски поврзани со евроинтеграциите, но дека нема да дозволи булинг врз Македонија во процесот.
„Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ да ја завршиме домашната работа, ајде да видиме тогаш што ќе се случи. Пред 8 години, кога менувавме имиња и презимиња, ни велеа дека сме фронт ранери и дека за 3-4 години ќе бидеме во ЕУ. Тие 3-4 години изминаа и и каде сме? Таму каде што бевме пред 25 години,“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека не прифаќа нови притисоци во процесот.
„Ако го смениме Уставот, уште ако може и да не сме Македонци, да сме нешто друго – ќе бидеме најдобри. Токму така како што некој ни прави булинг и сака да ја сопре Македонија да напредува кон ЕУ. Тоа нема да го дозволиме“ рече Мицкоски.
Во однос на црвените линии во спорот со Бугарија, Мицкоски изјави: Подготвени сме да седнеме и да разговараме, ама не е коректно некој да очекува дека оваа влада, додека сум јас премиер наеднаш ќе рече, е добро, ова што досега го зборувавме не важи, сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени. Вакви предавства и капитулации додека сум јас премиер нема да се случат, заклучи премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Македонија
Ако правосудството работи по закон, и мојата плата ќе им ја донирам, рече Мицкоски кој засега не поддржува зголемување на примањата на судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Премиерот во таа насока додаде и дека Македонија не може да троши повеќе средства на правосудството отколку најразвиените земји во Европа.
Мицкоски најави и дека Владата до крајот на годината ќе достави измени на Кривичниот законик во Собранието. Ги обвини претходните власти за измените на Кривичниот законик кои, како што рече, овозможиле политичка амнестија.
На новинарско прашање во врска со процесот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Мицкоски рече: „Што се однесува до Љупчо Коцевски, почекајте и ќе видите.“

