Македонија
Мицкоски: Ако може и да не сме Македонци ќе бидеме најдобри, некој ни прави булинг за да не сопре да напредуваме кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе ги заврши сите обврски поврзани со евроинтеграциите, но дека нема да дозволи булинг врз Македонија во процесот.
„Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ да ја завршиме домашната работа, ајде да видиме тогаш што ќе се случи. Пред 8 години, кога менувавме имиња и презимиња, ни велеа дека сме фронт ранери и дека за 3-4 години ќе бидеме во ЕУ. Тие 3-4 години изминаа и и каде сме? Таму каде што бевме пред 25 години,“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека не прифаќа нови притисоци во процесот.
„Ако го смениме Уставот, уште ако може и да не сме Македонци, да сме нешто друго – ќе бидеме најдобри. Токму така како што некој ни прави булинг и сака да ја сопре Македонија да напредува кон ЕУ. Тоа нема да го дозволиме“ рече Мицкоски.
Во однос на црвените линии во спорот со Бугарија, Мицкоски изјави: Подготвени сме да седнеме и да разговараме, ама не е коректно некој да очекува дека оваа влада, додека сум јас премиер наеднаш ќе рече, е добро, ова што досега го зборувавме не важи, сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени. Вакви предавства и капитулации додека сум јас премиер нема да се случат, заклучи премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

