Македонија
Наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево
Наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Денеска и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко. Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Минималната плата оди на 26.400 денари, започнува новата економска ера“, велат од „Влен“
„По плебисцитната победа на локалните избори, каде што граѓаните албанци во секоја општина јасно ја искажаа својата доверба во ВЛЕН, веднаш ја претвораме оваа доверба во конкретна работа и опипливи резултати“, велат од „Влен“.
„Денес, коалицијата ВЛЕН објавува вест што директно влијае на илјадници семејства: Минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари во март 2026 година, достигнувајќи 26.400 денари нето. Ова е благодарение на максималната посветеност на министерот за економија, Бесар Дурмиши, и ова е само почеток на реформите што ги носиме во економијата на земјата.
Ова зголемување е најсилниот доказ дека владата на ВЛЕН не познава чекање, одложувања и изговори. Нашите ветувања се претвораат во одлуки, а одлуките се претвораат во опипливи придобивки за граѓаните.
Животниот стандард на работниците е наш приоритет. Достоинството на секое семејство е наша одговорност. Градиме економија каде што трудот е праведно награден, каде што младите луѓе гледаат перспектива и каде што секој се чувствува заштитен.
ВЛЕН ќе продолжи со смели одлуки и јасни политики во служба на граѓаните, бидејќи довербата што ни ја дадовте на 19 октомври се претвора во работа, развој и достоинство. Ова е владењето што се чувствува во животите на граѓаните“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
(Фото) Тревникот до „Капитол мол“ се ослободува, им се враќа на граѓаните со ново игралиште, велат од општина Аеродром
Општина Аеродром информира дека тревната површина до ТЦ „Капитол мол“ повторно ќе биде целосно отворена и вратена на користење на сите граѓани.

„Утринава започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“. Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена.
Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење“, извести општина Аеродром.

По отстранувањето, Општината ќе пристапи кон уредување на локацијата со современа урбана опрема, зелени површини и ново, модерно детско катче.

„Со овој чекор, тревникот повторно ќе стане пријатно, безбедно и заедничко место за рекреација, игра и дружење – токму онака како што заслужуваат жителите на Аеродром“, додаваат од Општината.

Македонија
Изминатите четири дена уапсени 11 лица за безобзирно управување на возило, 1518 сообраќајни прекршоци
Во периодот од 10 до 13 ноември, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1518 издадени платни налози, 498 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 11 лица, од кои осум за возење под дејство на алкохол, тројца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 942 прекршоци за неправилно паркирање, 290 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 48 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 161 учесник во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 64 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а пет заради техничка неисправност“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.

