Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

