Македонија
Денови на медиумската писменост: „Не е доволно само да препознаеме дезинформација – потребно е да реагираме“
Од денеска до 24 ноември, во организација на Мрежата на медиумската писменост, седми пат ќе се одржат Деновите на медиумската писменост 2025. Членките на Мрежата и нивни поддржувачи ќе организираат повеќе од дваесетина настани на разни локации во целата држава, а некои настани ќе се одржат и онлајн. На овој начин нашата земја се приклучува кон глобалната Недела на медиумската и информациската писменост на УНЕСКО.
На денешната конференција за медиумска писменост 2025 ЕУ – Западен Балкан, во организација на Делегацијата на Европската Унија, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, посочи дека „oваа година, со мотото: „Ти знаеш, друг не знае. Твојот коментар може да помогне“ на Деновите на медиумската писменост, се фокусираме на критичкото размислување и на личната одговорност во дигиталниот простор. Затоа што денес, повеќе од кога било, не е доволно само да препознаеме дезинформација – потребно е да реагираме, да споделиме знаење, да бидеме активни граѓани“.
Конференцијата е носечки регионален настан на Европската служба за надворешно дејствување во областа на медиумската писменост, а оваа година конференцијата во Скопје го означува и почетокот на Деновите на медиумската писменост. Амбасадорот на ЕУ во земјата, Михалис Рокас, истакна дека во динамична медиумска средина, во која социјалните медиуми, вештачката интелигенција и странското манипулирање со информации и влијанието го преобликуваат начинот на кој граѓаните им пристапуваат и ги интерпретираат информациите, неопходно е да се вложат напори во зајакнување на колективниот одговор кон дезинформациите и влијанието на малициозните актери.
„Медиумската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме за да ги заштитиме општествата. Кога луѓето може да препознаат лажна содржина, да ги преиспитаат содржините што ги сретнуваат на интернет и да бараат доверливи информации, тие стануваат активни чувари на демократијата. Ова, меѓу другото, е и една од причините зад ‘Европскиот штит за демократија’, иницијатива на ЕУ, која ја зајакнува нашата заедничка подготвеност да се спротивставиме на манипулативни информации и да изградиме колективна отпорност“, потенцира амбасадорот Рокас.
Во фокусот на конференцијата се повеќе теми, меѓу кои – платформите на социјалните медиуми како дел од проблемот и од решението за надворешна манипулација и дезинформирање; родовите дезинформации и дигиталната омраза; важноста на институционалниот одговор на заканите од надворешна манипулација и дезинформирање; вештачката интелигенција надвор од чет-ботовите: суверенитет, градење капацитети за вистината; следната генерација и платформите: навигација низ ризици и можности.
За потребите на Деновите за медиумската писменост 2025 изработени се видео и аудиоспот на македонски, албански и на англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост. Оваа година спотовите за Деновите на медиумската писменост ќе се постават и на неколку локации на видеобимови во градот Скопје.
Повеќе информации за настаните што ќе се одржуваат во живо или онлајн и за медиумските содржини шпто ќе се прикажуваат во рамките на Деновите може да се најдат на веб-страниците mediumskapismenost.mk и avmu.mk, како и на „Фејбук“, „Инстаграм“ и на јутјуб-каналот на Мрежата на медиумската писменост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

