Македонија
Реконструкција и проширување на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода за едносменска настава
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска изврши увид во тековните активности за реконструкција на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, кои треба да обезбедат учениците да следат настава во една смена.
Покрај внатрешното реновирање, се извршува и партерно уредување на дворот, со поставување павер елементи за побезбедна и поуредна околина за учениците.
„Ова училиште, кое има најголем капацитет за ученици, претставува значаен образовен центар за целата општина. Проектот е насочен кон унапредување на условите за учениците, што за мене, како градоначалник е еден од нашите најважни приоритети. Сакам да напоменам дека во тек е и интензивна работа на проектот за проширување на училишната зграда, со чија реализација сите ученици ќе можат да следат настава исклучиво во прва смена. Со тоа значително ќе се унапреди квалитетот на наставниот процес, а на учениците ќе им се овозможи повеќе слободно време за одмор и воннаставни активности. Проширувањето опфаќа 130 m² на секој кат, односно вкупна површина од 390 m². Покрај внатрешното реновирање, во процес е и партерно уредување на дворниот простор со поставување бекатон плочки, со цел да се обезбеди побезбедна, поуредна и функционална околина за учениците. Верувам дека овие инвестиции, како и оние што ќе следат во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, ќе помогнат во унапредување на квалитетот на образованието и развојот на нашите идни генерации“, изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска по завршениот увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

