Свет
Шефот на Би-Би-Си: Трамп нема основа за тужба
Британската Би-Би-Си ќе се спротивстави на секоја правна постапка што ќе ја покрене Доналд Трамп против неа, изјави директорот на јавниот радиодифузен сервис, додавајќи дека нема основа за тужба за клевета поради начинот на кој е монтиран еден од говорите на американскиот претседател.
Трамп пред три дена изјави дека веројатно ќе ја тужи Би-Би-Си оваа недела за износ до пет милијарди долари отштета откако радиодифузерот неприродно спои два дела од говорот на Трамп, оставајќи впечаток дека американскиот претседател отворено повикува на немирите што се случија во Капитол во јануари 2021 година.
Генералниот директор на Би-Би-Си, Самир Шах, испрати лично писмо до Трамп за да се извини за монтажата, соопшти радиодифузерот, но додаде дека тој силно негира дека има каква било основа за тужба за клевета. Трамп им кажа на новинарите дека ќе бара помеѓу 1 милијарда и 5 милијарди долари.
„Мислам дека морам да го направам тоа. И тие дури и признаа дека измамиле“, рече тој.
Шах денес им кажа на вработените во Би-Би-Си во е-пошта дека има широко распространети шпекулации за можноста за судска постапка, вклучувајќи потенцијални трошоци или спогодби.
„Во сето ова, ние, секако, сме остро свесни за привилегијата на нашето финансирање и потребата да ги заштитиме нашите даночни обврзници, британската јавност“, рече тој.
„Сакам да бидам многу јасен со вас: нашата позиција не се променила. Нема основа за тужба за клевета и ние сме решени да се бориме против тоа“, рече Шах.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вооружени напаѓачи киднапираa 25 ученички од интернат во Нигерија
Наоружани напаѓачи однеле 25 ученички од интернат во раните утрински часови во сојузната држава Кеби, во северозападна Нигерија, потврдила полицијата. При нападот, кој се случил околу 4 часот изутрина по локално време, е убиено едно лице од персоналот, а друго е рането. Напаѓачите имале софистицирано оружје и размениле оган со чуварите пред да ги одведат девојчињата.
Полицијата известила дека надлежните тимови пребаруваат сомнителни бегалски патишта и околни шуми во потрага по киднапираните ученички и сторителите.
Овој инцидент е најнов во низата на киднапирања на деца од училишта во северниот регион на Нигерија, каде што вооружени групи целат кон деца повеќе од една деценија. Оваа година бројот на напади од различни вооружени групи дополнително се зголемил. Најпознатиот случај е од 2014 година, кога милитантната група Боко Харам киднапира 276 ученички од средно училиште во Чибок, а судбината на голем дел од нив сѐ уште не е позната.
Свет
Германскиот министер за одбрана: Европа можеби го имаше последното мирно лето
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ дека германскиот начин на живот е загрозен и дека европските држави мора итно да ја зајакнат одбранбената способност.
„Путин не ги крие своите империјални фантазии, во кои нашата слобода, нашиот ред, каков што го знаеме, немаат никакво значење. Мораме брзо и јасно да реагираме на оваа закана со зајакнување на нашите одбранбени капацитети“, нагласи Писториус.
На прашањето кога Русија би можела да биде способна за напад, Писториус дава претпазлив одговор.
„Воените експерти и разузнавачките служби можат грубо да проценат кога Русија ќе ги обнови своите вооружени сили до степен до кој би била способна да започне напад врз земја членка на НАТО на исток. Секогаш сме велеле дека тоа би можело да биде веќе во 2029 година. Сега, сепак, има и други кои велат дека тоа е замисливо уште во 2028 година, а некои воени историчари дури велат дека ова беше нашето последно мирно лето“, рече тој.
Сепак, тој ја смирува јавноста со пораката: „Не треба да оставаме впечаток дека НАТО не може да се одбрани. Може. Има значаен потенцијал за одвраќање. Конвенционален, но секако и нуклеарен.“
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, брзо реагираше на изјавата на Писториус, велејќи дека сега нема сомнение кој е агресорот.
Свет
ЕУ разгледува три опции за финансиска поддршка на Украина
Фон дер Лајен им испрати писмо на лидерите на ЕУ со три можни решенија за финансирање на Украина.
Првата опција е секоја земја членка да одобри билатерарна бесповратна помош за Украина. Втората е заедничко задолжување на ниво на ЕУ, при што земјите би дале правно обврзувачки и неотповикливи гаранции за заемот. Третата опција е репарациски заем од 140 милијарди евра, користејќи го запленетиот руски имот, при што Украина би го враќала заемот само ако и кога Русија ќе плати воена отштета.
Фон дер Лајен наведува дека првите две опции би го зголемиле фискалниот товар на земјите членки, додека третата не би предизвикала дополнителни трошоци или ново задолжување.
Според писмото, на Украина ѝ се потребни 135,7 милијарди евра за 2026 и 2027 година – 83,4 милијарди за воени потреби и 52,3 милијарди за стабилизација на економијата и покривање на буџетскиот дефицит. Лидерите на ЕУ треба да донесат одлука на самитот на 18 и 19 декември.
Прашањето за користење на замрзнатиот руски имот останува отворено поради противењето на Белгија, која бара гаранции дека ризикот ќе биде споделен ако се донесе пресуда за враќање на средствата на Русија.
Фон дер Лајен во писмото наведува дека „Европа не може да си дозволи парализа“, и дека нема едноставни решенија, но потребно е да се дејствува.

