Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ се обои во виолетово за одбележување на Светскиот ден на предвремено родените бебиња
Со одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, 17 ноември, Клиника „Жан Митрев“ повторно се придружи кон глобалната иницијатива за поддршка на најмалите борци и нивните семејства. Во пресрет на меѓународниот ден, фасадата на клиниката беше осветлена во виолетова боја, симбол на чувствителност, посебност и надеж за сите предвремено родени деца ширум светот.
Годинава, одбележувањето се одвива под мотото „Силни почетоци за надежна иднина“ (Strong beginnings for hopeful futures), со што се нагласува важноста од обезбедување квалитетна неонатална грижа уште од првите моменти на животот. Целта е да се овозможи секое предвремено родено бебе да има здрав почеток, можност за правилен раст и услови за успешна иднина.

Предвременото раѓање претставува глобален здравствен предизвик, едно од десет бебиња се раѓа пред 37-та гестациска недела, а последиците можат да бидат сериозни и долгорочни, особено за развојот на мозокот, белите дробови и видот. Затоа Светскиот ден на предвремено родени бебиња е посветен на кревање свесност за овие предизвици, на промовирање мерки за превенција и на унапредување на пристапот до современа и семејно ориентирана неонатална нега.
Овој ден ги обединува институции, медицински персонал, родители и заедници ширум светот во повик за подобри политики, постојан пристап на родителите во неонаталните интензивни оддели (NICU) и создавање услови во кои секое бебе може да преживее, да расте и да напредува.
Во Центар за мајка и бебе, кој располага со современа опрема и високо обучен тим, како и Оддел за неонатална интензивна нега (NICU), кој обезбедува третман и згрижување на предвремено родени и ризични новороденчиња, досега се родени над 170 бебиња, природно и со царски рез од кои 20 пред наполнета 37 недела. Центарот нуди целосна грижа пред, за време и по породувањето, овозможувајќи безбедност и поддршка за секоја трудница и новороденче.

Освен симболичното осветлување, Клиника „Жан Митрев“ и оваа година низ месец ноември спроведува активности насочени кон поддршка на семејствата и промовирање на раната нега и едукација.
Со заедничка посветеност и континуирана грижа, можеме да создадеме силни почетоци за сите бебиња родени пред време, почетоци што ќе водат кон надежна и сигурна иднина.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

