Македонија
Мицкоски: Барам смена на Љупчо Коцевски, не си ја врши својата работа добро
Премиерот Христијан Мицкоски се осврна на работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, потенцирајќи дека ниту тој лично ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен слет на настани би било негова смена.
„Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настани после така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така додаде дека граѓаните акламативно мислат дека Коцевски не си ја врши својата работа доволно добро, а буџетот кој го добиваат е поголем од 75% од земјите на ЕУ.
„Најголемиот дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека не си ја врши својата работа доволно добро и ако е политичката цена да ја платам и да бидам повторно дел од извештај во којшто ќе бидам критикуван, а притоа буџетот којшто го добиваат е очигледно поголем од 75% од земјите членки на ЕУ, нивни колеги, тогаш мислам дека некој треба да си го стави прстот на чело и да размисли што прави“, додаде Мицкоски во разговорот на „Топ тема“.
Премиерот рече и дека Владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар народни пари. И кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа.
„Они велат за нас не се грижете, ние само ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа кое што земаа нивните колеги во СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши“, вели Мицкоски.
Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.
„Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн.“, посочи премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористија шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.
„Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите“, дециден е Мицкоски.
Премиерот истакна и дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75 отсто повеќе, но кои резултати ги покажале судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

