Македонија
Скопје го задржува статусот „Европска престолнина на културата за 2028“, процесите се целосно одблокирани
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Брисел остварија работна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.
Главна тема на средбата беше проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, при што делегацијата го информираше еврокомесарот Микалеф за моменталната состојба, предизвиците и неопходните чекори за негово понатамошно унапредување.
Министрите Љутков и Муцунски, заедно со градоначалникот Ѓорѓиевски, ги презентираа позициите на Владата и на Градот, за што добија јасна поддршка и разбирање од претставниците на Европската Унија.
„Сакаме да ја информираме македонската јавност дека проектот, за жал, досега беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, особено во делот на програмата содржана во апликациската книга – т.н. ’Bid Book‘. Наместо да се следат транспарентни и инклузивни процедури, проектот беше воден без консултации со релевантните институции, без усогласување со националните културни политики и без суштинско вклучување на културниот сектор. Ова сериозно го наруши кредибилитетот на апликацијата и ја загрози можноста Скопје да се позиционира како вистински европски културен центар“, истакна министерот Љутков.
Од Министерството за култура информираат дека по денешната средба и воспоставената институционална координација, процесите поврзани со проектот се целосно одблокирани и вратени во законски и професионални рамки.
„Владата и Град Скопје остануваат цврсто посветени на неговата реализација и ќе ги обезбедат предвидените средства од 40 милиони евра во период од четири години“, се наведува во соопштението.
Проектот претставува можност за темелна трансформација на Скопје – преку развој на културната инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновации и промовирање европски вредности. Од Министерството наведуваат дека реализацијата ќе се спроведува со целосна транспарентност, отчетност и активно учество на сите релевантни чинители на национално и на меѓународно ниво.
„Скопје – Европска престолнина на културата“ е визија за отворен, модерен и динамичен град кој ја вклучува заедницата, ги охрабрува младите, ги поддржува уметниците и создава простор за силна културна размена и соработка.
Град Скопје во 2023 година беше избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Богатата програма под слоганот „Култура над поделба“ со која Скопје се претстави пред ЕУ го освои срцето на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

