Свет
Изненадување во Киев, Зеленски се согласи да преговара за планот на САД
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес му рече на секретарот на американската армија, Ден Дрискол, дека е подготвен да соработува со администрацијата на Трамп на нов мировен план, потврдија американски и украински претставници, пишува „Аксиос“.
Овој потег доаѓа и покрај тоа што планот бара огромни отстапки од Украина, вклучително и предавање на територија под нејзина контрола на Русија. Наместо целосно да го отфрли, Зеленски се согласи на преговори, а неговата канцеларија соопшти дека очекуваат разговор со претседателот Трамп на оваа тема во наредните денови.
Дрискол му предаде на Зеленски копија од планот за време на денешниот состанок во Киев, рече украинскиот претставник.
Кабинетот на Зеленски во соопштението наведува дека украинскиот претседател „ги навел основните принципи што се важни за украинскиот народ, а по денешниот состанок, страните се согласиле да работат на одредбите од планот на начин што ќе доведе до праведен крај на војната“.
Еден американски функционер додаде дека Зеленски и Дрискол „се согласиле за агресивен временски рок за потпишување“.
Делегацијата на Дрискол првично требаше да патува во Украина за да разговара за воената технологија и стратегија, но Белата куќа го замоли да помогне во почнувањето преговори со Зеленски во име на американскиот претставник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио, откри друг американски функционер.
Планот, изготвен од Виткоф и други американски функционери во дослух со Русите, ги шокираше Киев и европските престолнини кога беше откриен оваа недела од веб-страницата „Аксиос“. Планираната средба меѓу Зеленски и Виткоф пропадна претходно оваа недела откако американската страна процени дека Зеленски не покажал подготвеност сериозно да се ангажира.
Сепак, украински функционер изјави за „Аксиос“ дека Зеленски бил многу попомирувачки за време на состанокот со Дрискол.
„Одлуката е да се обидеме да работиме на ова заедно за да го овозможиме мирот“, рече функционерот.
Администрацијата на Трамп ги помина средата и четвртокот обидувајќи се да ги увери Украина и нејзините европски сојузници дека планот е „жив документ“ и дека нивните ставови ќе бидат земени предвид, потврди американскиот функционер.
Во телефонски повик утрово, Виткоф го увери германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул дека новиот план е само „рамка на идеи“ што ги вклучува и украинските и руските позиции, рече американски функционер.
„Виткоф нагласи дека администрацијата на Трамп работи одговорно и бара начини да се стави крај на конфликтот во Украина“, додаде тој. Според истиот функционер, Виткоф му рекол на Вадефул: „Ако на луѓето не им се допаѓаат одредени делови од планот, треба да нè известат и ние ќе се обидеме да најдеме компромис“.
Европејците не беа консултирани за време на изготвувањето на планот, а Украинците беа вклучени само по обемни разговори меѓу американските и руските претставници. Планот содржи елементи кои се сметаат за исклучително поволни за Москва, како што се ограничувањата на големината и можностите на украинската војска по војната, рече украинскиот функционер. Украина во минатото постојано ги отфрлаше ваквите предлози.
Киев верува дека единствената причина зошто Русија би побарала од Украина да ги ограничи своите воени капацитети е да ја подготви Москва за идна инвазија.
Притисокот од САД доаѓа во време кога Зеленски се соочува со најсилниот домашен политички притисок од почетокот на руската инвазија. Растечкиот корупциски скандал во кој се вклучени некои од неговите блиски соработници ја натера опозицијата да го повика да ја среди ситуацијата или дури и да формира нова влада на национално единство.
Се очекува Зеленски да се сретне со членови на својата партија во парламентот вечерва, само неколку часа по средбата со Дрискол.
Еден американски функционер изјави за „Аксиос“ дека домашниот притисок би можел да го направи Зеленски посклоен кон правење тешки отстапки за мир. Од друга страна, некои аналитичари веруваат во спротивното – дека со неизвесна политичка иднина, тој не може да си дозволи да се смета дека попушта пред Москва.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
Свет
Макрон: Царинските закани се неприфатливи, Европа ќе одговори обединето
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше на царинските закани на Доналд Трамп, порачувајќи дека тие се неприфатливи. Макрон нагласи дека европските лидери ќе одговорат „обединето и координирано“ доколку тие се потврдат, објави тој на социјалните мрежи.
„Франција е посветена на суверенитетот и независноста на нациите, во Европа, како и на други места. Тоа ги води нашите избори. Тоа ја поддржува нашата приврзаност кон Обединетите нации и кон нивната Повелба“, наведе Макрон. Тој додаде дека „врз таа основа ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Во истиот контекст го спомена и учеството во вежба на Гренланд. „Исто така, врз таа основа одлучивме да се приклучиме на вежбата што Данска одлучи да ја спроведе на Гренланд. Стоиме зад таа одлука. Особено затоа што се однесува на безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа“, напиша тој.
Макрон порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
„Царинските закани се неприфатливи и немаат место во овој контекст“, додаде тој.
„Ќе знаеме како да го одбраниме европскиот суверенитет. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“

