Македонија
Студентските ваучери се доделуваат, процесот се одвива бргу и без проблеми, трговците спремни, но и резервите се трошат бргу
По повеќемесечни очекувања стартуваше програмата за студентските ваучери за 2025 година, а скоро 10.000 студенти веќе го подигнале својот одбран уред од економските оператори, што значи дека првите денови од програмата се со неочекувано голема реализација.
Според информациите од терен, интересот кај студентите е огромен и процесот на избор, резервација и подигнување на уредите засега функционира без застој.
Од ИТ-секторот велат дека се соочуваат со најголемиот прилив на млади купувачи во последните години, но додаваат и дека се подготвени многу подобро отколку кога било. Некои од поголемите трговци во технолошкиот сегмент веќе имаат имплементирано дополнителни системи за организација и оптимизирање на процесот.
Подготовките започнале уште пред три месеци
Од компанијата Анхоч која моментално има најголем број на искористени ваучери истакнуваат дека веќе неколку месеци работеле интензивно да создадат беспрекорен процес за реализација на студентските ваучери се со цел да може да одговорат брзо и ефикасно на барањата на студентите.
Во разговор за нашата редакција, од тимот на Анхоч велат:
„Целата кампања ја подготвувавме уште од летото, повеќе од три месеци. Почнавме со голема студентска анкета преку која го слушнавме мислењето на студентите. Не интересираше што им е потребно, што им недостига и што очекуваат од ваучерите. Врз база на таа анкета ја креиравме понудата за најпотребните уреди.“
Од таму дополнуваат дека уште пред официјалниот старт на ваучерите, бил лансиран системот за предрезервации, со цел студентите да можат со сигурност да го обезбедат точниот модел што го сакаат.
„Со предрезервациите им обезбедивме сигурност и ред. Илјадници уреди беа резервирани однапред, со што студентите обезбедија сигурна залиха, а избегнаа стрес и чекање. Со активирањето на ваучерите, за најбараните уреди, за во Скопје го активиравме и автоматизираниот систем за закажување термини каде секој студент добива сопствен линк, го бира датумот, времето и локацијата за подигнување.
Така сите се услужени навремено и без гужви“, појаснуваат од Анхоч.
Студентите задоволни
Првите реакции на студентите се позитивни. Голем број од нив веќе го подигнале и го искористиле својот ваучер и велат дека процесот за аплицирање и реализација е лесен и брз со исклучок на првиот ден кога имало спор одзив на веб страната за аплицирање.
Висока побарувачка
Со официјално најавени над 55.000 ваучери, ИТ секторот е под висок притисок, но компаниите уверуваат дека се подготвени за динамиката. Дел од моделите веќе се продадени но нови залихи пристигнуваат во следниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.

