Свет
Шпанија: Трета страна нема да одлучува кој смее, а кој не смее во НАТО
Само Украина има право да разговара за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на земјата, порача шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес.
Првичниот нацрт-предлог што го предложија САД вршел притисок врз Киев да отстапи територија и да се обврзе дека нема да се приклучи кон НАТО во замена за прекин на војната. Албарес смета дека за тие прашања треба да одлучуваат Украина, односно НАТО.
„Украина е суверена земја која има демократски избрана влада. Владата на претседателот Зеленски. Тие се единствените кои имаат право да разговараат за работите што се основни и темелни принципи на меѓународното право и светскиот поредок, како што е територијалниот интегритет“, напомена тој.
Контрапредлогот што го изработија Велика Британија, Франција и Германија донесе низа клучни промени, вклучувајќи бришење на текстот што се однесува на ограничување на понатамошното ширење на НАТО и отстранување на референциите за територијални отстапки.
Албарес повтори дека одлуката за тоа кој може да се приклучи кон НАТО не ја носи „трета страна“, туку самиот воен сојуз.
„За мене е многу јасно дека сè што е поврзано со тоа кој ќе се приклучи кон НАТО или Европската унија е на нас, земјите членки, да одлучиме. Не би било прифатливо трета страна надвор од НАТО или Европската унија да ни зборува или да одлучува кој може да влезе, а кој не“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Единаесетгодишно момче во Пенсилванија обвинето за убиство на таткото оти му го одзел „Нинтендото“
Единаесетгодишно момче од Пенсилванија е обвинето за убиство на својот татко, откако наводно пукало во него затоа што му била одземена гејминг-конзолата Nintendo Switch, објави „Гардијан“.
Инцидентот се случил на 13 јануари во семејната куќа во Данканон Боро. Полицијата била повикана рано наутро и го пронашла 42-годишниот татко починат во спалната соба. По истрагата, како осомничен бил идентификуван неговиот 11-годишен син.
Според полициските наводи, момчето признало дека било луто откако му било кажано да оди на спиење. Навело дека клучот од сефот со оружје го нашло додека го барало одземениот Nintendo Switch и од таму земало пиштол. По приведувањето, му е одбиена кауција, а судското рочиште е закажано за 22 јануари.
Свет
Синот на Рамзан Кадиров во сообраќајна несреќа: Има информации дека е во тешка состојба во болница
Синот на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров , Адам, е однесен во новата републиканска болница во Грозни по сообраќајна несреќа. Тој е во сериозна состојба, објавија локалните медиуми. Информацијата ја потврдија два извори за Кавказ, а слични информации објавија и опозициските групи на социјалните медиуми.
„Тој е во несвест на интензивна нега. Не знаеме со сигурност што му е на синот на Кадиров“, рече еден од изворите во Грозни.
Grozny traffic jam with ambulances in a video local channels claim shows the first minutes after Adam Kadyrov’s car crash, unverified at this time. https://t.co/RHVHY7NT3Y pic.twitter.com/1lHe2wQkcr
— WarTranslated (@wartranslated) January 16, 2026
Според движењето NIYSO, колоната на Адам Кадиров „се движела со голема брзина, автомобил по автомобил, кога одеднаш наишла на пречка“: „Како резултат на тоа, автомобилите почнале да се судираат еден со друг во синџир, па добиваме информации дека има доста жртви“, се вели во информацијата. Претставник на движењето изјави за Kavkaz.Realii дека добиле информации од различни извори, но засега не можат со сигурност да зборуваат за состојбата на синот на чеченскиот лидер.
Во меѓувреме, податоците од радарот за летови покажуваат дека два медицински авиони полетале од Москва за Чеченија.
Кон крајот на минатата година, најмладиот син на чеченскиот лидер, Адам Кадиров, стана полнолетен. Адам Кадиров беше посочуван како можен наследник на неговиот татко Рамзан, за кој сè повеќе се зборува дека е во лоша здравствена состојба поради проблеми со бубрезите.
Свет
Тимошенко ги негира обвиненијата и го обвини Зеленски: „Украина е под фашистички режим“
Поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко на рочиште пред Врховниот антикорупциски суд на Украина ги негираше сите обвиненија против неа и изјави дека земјата се наоѓа под „фашистички режим“.
Судот ѝ изрече мерки на Тимошенко, која неодамна беше уапсена во акција на Националното антикорупциско биро на Украина поради сомнежи за тешка корупција.
Судијата одлучи Тимошенко да биде пуштена на слобода со кауција во износ од околу 655.000 евра.
Според наводите на NABU и Специјалното антикорупциско обвинителство, Тимошенко се сомничи дека нудела мито на поголем број пратеници од Врховната рада од други политички фракции, со цел тие да гласаат за или против одредени законски предлози.
Во соопштението на NABU се наведува дека станува збор за лидерка на парламентарна фракција која се обидела да влијае врз законодавниот процес преку „недозволени користи“. Доколку ѝ биде докажана вината, ѝ се заканува затворска казна од пет до десет години, како и можна конфискација на имот.
Покрај кауцијата, судот ѝ изрече и дополнителни мерки: ѝ е забрането да ја напушта Киевската област без дозвола од истражителите, обврзана е да носи електронска алка, да го предаде пасошот, како и да не комуницира со повеќе десетици пратеници.
Рочиштето се одржа на 16 јануари пред судијата Виталиј Дубас. Поранешната премиерка се појави во придружба на адвокатите и претставниците на обвинителството. Пред почетокот на рочиштето, Тимошенко ги отфрли сите обвиненија, тврдејќи дека „не е сторено никакво кривично дело“ и дека не постојат законски основи за изрекување какви било мерки.
Во изјава за новинарите, таа отиде и чекор понатаму, наведувајќи дека Украина, според неа, се наоѓа под „фашистички режим“, повторувајќи наратив што Москва го користи во обидите да го делегитимира претседателот Володимир Зеленски и актуелната власт.
Тимошенко порача дека не планира да ја напушти Украина додека, како што рече, не се ослободи од „бандата што ја презела власта“. Таа додаде и дека истражителите претходно, во текот на ноќта и без судска наредба, упаднале во нејзиниот дом, по што бил извршен претрес и во седиштето на нејзината партија.
„Ова е 1937 година“, изјави Тимошенко, алудирајќи на сталинистичките политички прогони.

