Македонија
Николоски: Заштитата на Охридското езеро и басенот на река Црн Дрим е приоритет за Владата
Остануваме посветени на заштитата и управувањето со водните ресурси во државата во согласност со приоритетите за економски развој и заштита на природните богатства како и усогласување на директивите на ЕУ, истакна денеска вицепремиерот Александар Николоски на состанокот на експретско ниво за заштитата на сливот на реката Дрим и Охридското сливно подрачје.
Николоски во своето обраќање истакна дека Владата преку системски мерки презема активности за заштита на водите, потенцирајќи ги акционите планови кои ги реализираат ресорните министерства во насока на заштитата на природните ресурси.
„За нас, заштитата на водата и водните ресурси е од големо значење. Чистата вода не е само природно богатство, туку и цивилизациска вредност што го одредува квалитетот на животот и одржливоста на идните генерации. Сливот на реката Дрим, кој опфаќа неколку земји и култури, ја симболизира нашата меѓузависност и колективна одговорност, но е и регион за градење политичка соработка, како и за развој на одржлива економија. Дрим не е само река, Дрим е наше природно богатство и наследство, а во исто време сливот на реката Дрим е регион со огромен капацитет за развој на инфраструктурата и туризмот. Водите на Охридското Езеро претставуваат културна вредност, туристички потенцијал и важен економски двигател. Чистата вода станува ресурс што создава можности, работни места и ни овозможува меѓународно препознавање”, рече Николоски.
Тој дополни дека Владата активно работи на спроведување на Стратегијата за рехабилитација на природното и културното наследство на охридскиот регион, а истакна и силна подршка на меѓународниот проект за заштита на сливот на река Дрим.
„Во овој поглед, силно го поддржуваме проектот ГЕФ на охридското крајбрежје, како и напорите на Глобалното партнерство за води – Медитеран. Сите мора заеднички да се фокусираме на борбата против различните форми на загадување на водата и да создадеме еколошки пристап што ќе произведе здрави екосистеми и долгорочна безбедност на водата”, рече вицепремиерот Николоски.
Состанокот беше во организација на Дрим Кор Групата на кој се разговараше за идните мерки и активости за заштита на сливото подрачје на реката Дрим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

