Македонија
Јаневска: Нашите деца до 15 годишна возраст поминуваат 900 часови помалку на училиште во споредба со нивните врсници во Европа
Слабите резултати поврзани со читање со разбирање и математичка писменост кои ги покажуваат нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС се причина за крупните промени кои ги започнавме пред година и половина и ќе истраеме додека значително не го подобриме образовниот систем. Фокусирани сме на оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, но и на воведување на едносменска настава и продолжен престој, затоа што нашите деца до 15 годишна возраст поминуваат 900 часови помалку на училиште во споредба со нивните врсници во Европа. За одделенските наставници од следната година ќе има задолжителна обука за читање со разбирање.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање што презема министерството за да го подобри квалитетот на образованието кој се огледува преку ниските постигања на учениците на меѓународните тестирања.
„Спроведуваме политики кои се креирани заедно со многу домашни и странски експерти кои работат во образовната сфера, но и со наставниците, кои пак со повеќе мерки ги мотивираме да бидат креативни и слободни при планирањето на наставата, за да ја направат интересна за учениците и ефективна. Ја продолживме старата Концепција за основно образование, но со измени кои ќе влијаат врз знаењата на учениците“, рече Јаневска.
Нагласи дека силна страна на националниот образовен систем е стручното образование. Во последните две години во средно образование се запишуваат околу 17 илјади ученици од кои 12 илјади или 70% се во стручни училишта.
„Имаме околу 4 илјади ученици во дуални паралелки во кои практичната настава ја реализираат 700 компании, најмногу досега. Дел од компаниите ги посетив и тие се задоволни од знаењата кои ги поседуваат децата. Затоа, ќе продолжиме да го развиваме концептот на дуално образование заедно со бизнис заедницата и со повеќе наши партнери меѓу кои амбасадите на Швајцарија, Германија, Австрија и Шведска“, рече Јаневска, потсетувајќи дека во земјата досега се основани седум регионални центри за стручно образование и обука, а осмиот ќе биде формиран следната календарска година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

