Македонија
СДСМ: Криминалната Влада на Мицкоски молчи за тендерите од 9 милиони евра
Помина цел ден, а Владата на Мицкоски како да зенемела за скандалот што го објавивме, нема одговор на ниту едно прашање што го поставивме. Криминалната Владата молчи за тендерите од 9 милиони евра за фирма со двајца вработени формирана минатата година, обвини СДСМ.
„Па зарем немаат што да им кажат на граѓаните? Или им ги фативме криминалните шеми на кој начин преку „најповолни“ понуди се местат тендери, па се бранат со молчење? Станува збор за парите на граѓаните, речиси 9 милиони евра. Нека не се надева власта дека молкот може да ги спаси, одговорност за криминалот ќе има. Тоа што ДПМНЕ одговара во име на институциите е дополнителна потврда дека криминалните шеми се направени во Белата палата. Затоа ги знаат сите детали за тендерите. Ова што се случува во Македонија е организиран грабеж за испумпување на парите на граѓаните преку наместени тендери во едни исти фирми. Тоа е истата криминална шема на Никола Груевски кој испупмпа 2 милијарди евра а денеска е бегалец од правдата. Ученикот Мицкоски само го прави она што научил од неговиот ментор и учител“, велат од партијата.
СДСМ најави дека ќе продолжи со факти, со докази, со аргументи и документи да го разобличува криминалот на владата на Мицкоски.
„Јавното обвинителство, ДКСК, сите институции треба да се вклучат, да направат независна истрага и да делуваат. Работата сè уште не е завршена“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи“, ќе се инвестираат 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор во Македонија
Премиерот, Христијан Мицкоски, во рамки на форумот во Даовс се сретна со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи (4iG)“, која ќе инвестира 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор во Македонија.
„Денот го започнавме со состанок со сопственикот на компанијата „Фор-ај-џи (4iG)“, компанија која што ја доби дозволата за третиот мобилен оператор во Македонија. Разговаравме за неговите планови, откако нормално ги упати средствата кои што се потреби за добивање на лиценцата. Она коешто тој ме информираше е фактот дека во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор. Што добиваат граѓаните? Граѓаните добиваат нова компанија која ќе нуди мобилни услуги и компанија којашто, сигурен сум дека ќе влијае позитивно во намалување на цените на услугите кои што мобилните оператори ги нудат за граѓаните во Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека потоа имал разговори со светските лидери и претставници на мултинационални компании за предизвиците на човештвото во годините кои што следат.
„Се разбира еден од најголемите предизвици е вештачката интелигенција. Но, вештачката интелигенција само по себе не значи ништо, отколку само два обични збора. Но, кога ќе влезете во суштината ќе сфатите дека за да вие создадете општество кое што во иднина сериозно ќе ја користи вештачката интелигенција потребни се неколку предуслови, пред се сигурна енергетска стабилност и нормално развој, бидејќи сите оние дата центри имаат потреба од струја, односно од електрична енергија и второ ни треба ИТ инженери односно ни требаат инженери кои што ќе ја користат таа вештачка интелигенција за потребите на општеството и потребите на граѓаните. Се разбира дека ние како држава не смееме да останеме надвор од овие процеси, бидејќи тоа се процесите кои што ќе го опишат човештвото во годините кои што следат. Тоа се процесите кои што ќе имаа водечка улога во следните 10, 15, 20, 25 години. Македонија нема да седи на страна, туку Македонија ќе биде активен учесник во сите овие процеси“, рече Мицкоски и најави дека во текот на денешниот ден и утре владината делегација ќе има бројни билатерални средби.
Македонија
ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за континуираните напади и етикетирања на новинари и медиуми
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ.
Од таму велат дека последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата АЛФА ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што, како што велат, претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.
„Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници. Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници“, се наведува во заедничкото соопштение.
ЗНМ и ССНМ апелираат дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите. Според нив, ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите.
„Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси. Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, апелираме до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите. ССНМ и ЗНМ ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите“, пишува во соопштението.
Македонија
(Видео) Филипче: Нема да го поддржиме законот за „Безбеден град“
Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во однос на поддршката на Законот за прекршоци. Тој кажа дека нема да го поддржат законот за „Безбеден град“.
Филипче појасни дека СДСМ никогаш не била против безбедноста во сообраќајот, но дека конкретниот закон содржи сериозни прашања кои не се регулирани.
„Нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој што сериозни аспекти не се регулирани, а тоа е огромната база на податоци за што во законот не е укажано како ќе се контролира. Еве, седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, ќе видиме што е договорот од тој пазар“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Во тој контекст, Филипче изјави дека СДСМ е за безбедност во сообраќајот, но и за безбедност на податоците што се прибираат преку системот „Сејф сити“.
„Во однос на системот „Сејф сити“, Законот за прекршоци, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот. Доказ за тоа е што ние сме го почнале тој проект, меѓутоа не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност на податоците, кои што повторно власта ниту го коментира тој дел, ниту се обидува да го регулира“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

