Свет
Зеленски по состаноците на Флорида: Тешките прашања остануваат нерешени
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека по американско-украинските разговори на Флорида, некои тешки прашања сè уште треба да се решат.
Тој соопшти дека сега заминува за Европа за да ја обезбеди поддршката од сојузниците, а претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп треба да отпатува во Москва и да го информира Кремљ за резултатите од преговорите.
Интензивната дипломатија продолжи во понеделникот по разговорите меѓу американските и украинските претставници во голф-центарот изграден од специјалниот претставник на Трамп и претприемач, Стив Виткоф.
Зеленски пристигна во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, а во вторник ќе отпатува во Ирска. Украинскиот министер за одбрана треба да биде во Брисел на разговори со НАТО. Во вторник Виткоф се упатува кон Москва на состанок со Владимир Путин.
Киев и неговите европски сојузници сакаат Вашингтон да го промени предложениот американски мировен план, кој, според извештаите, првично ги почитувал клучните руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали големината на својата армија, да се откаже од амбицијата да се приклучи кон НАТО и да им забрани на западните сили да влезат на нејзина територија.
Киев тврди дека ова би значело капитулација и би ја оставило земјата ранлива на целосна окупација откако Русија ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година.
„Постојат некои тешки прашања што сè уште треба да се решат“, објави Зеленски на X најавувајќи серија состаноци во Европа за да се разговара за заклучоците од преговорите на Флорида. „Ќе биде многу значаен ден“, рече тој.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој ги води разговорите во клубот „Шел Беј“ на Виткоф во близина на Мајами, во неделата изјави дека Вашингтон е „реалистичен во врска со тоа колку е тешко ова, но оптимист, особено со оглед на фактот дека постигнат е напредок“.
Претседателот Макрон, кој претходно беше домаќин на разговори за можни европски мировни сили во Украина по војната, го потапка Зеленски по грбот на влезот во Елисејската палата.
Преговорите доаѓаат во момент на сериозна пресвртница за Киев: украинските сили губат територија на фронтот, а земјата е потресена од најголемиот корупциски скандал од почетокот на целосната инвазија.
Шефот на кабинетот на Зеленски, кој ја предводеше украинската делегација на разговорите, поднесе оставка во петокот откога антикорупциските истражители го претресоа неговиот дом. Двајца министри беа отпуштени, а поранешниот деловен партнер на Зеленски беше прогласен за осомничен.
Трамп, кој вети дека бргу ќе ја заврши војната, изрази фрустрација, што се чини дека е недостижен договор.
„Украина има некои сериозни помали проблеми“, им рече Трамп на новинарите во авионот „ер форс уан“ осврнувајќи се на скандалот со корупција. Тој го повтори својот став дека и Русија и Украина сакаат да ја завршат војната и рече дека има добри шанси за постигнување договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Не треба повеќе да имаме избори; Белата куќа: Се шегува
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп не бил сериозен кога пред неколку дена изјавил дека можеби воопшто не треба да има избори за Конгресот. Портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, изјави дека претседателот всушност сакал да биде хумористичен со изјавата, а не да го доведе во прашање одржувањето на изборите.
„Претседателот се шегуваше“, рече Ливит, одговарајќи на прашања од новинарите. Таа додаде дека Трамп зборувал во контекст на пофалба на работата на неговата администрација, сугерирајќи дека тие „работат толку добра работа“ што, во таа смисла, треба само да продолжат.
Изјавата на Трамп доаѓа од получасовно интервју што го даде за „Ројтерс“ во Овалната соба на Белата куќа завчера. Зборувајќи за среднорочните избори, Трамп изрази фрустрација од историскиот модел во кој партијата на власт често губи места во Конгресот.
„Кога ќе победите на претседателските избори, не ги добивате среднорочните избори“, рече Трамп, а потоа додаде дека неговата администрација направила толку многу што, рече тој, „кога ќе размислите за тоа, воопшто не треба да имаме избори“.
Изјавата предизвика загриженост и критики бидејќи уставот на САД предвидува одржување избори за Конгресот на секои две години, без можност за претседателска одлука за нивно откажување.
фото/Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos

