Македонија
(Видео) СДСМ најави објавување нови бомби 2.0
Ги спремивме новите бомби 2.0. Најавувам дека утре следува нова. Нов скандал, нова корупциска шема поврзана со членови на владејачката гарнитура. За сè имаме докази, имаме документи и ќе ги презентираме пред јавноста, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој најави нов фронт за борба против криминалот на актуелната власт.
„Ова е нов фронт, фронт заедно со граѓаните во борба против корупцијата на оваа криминална и ненародна власт“, истакна Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе побара поддршка и од институциите, кои со децении биле симбол на бескомпромисна борба против мафијата, споредувајќи го криминалот на ВМРО-ДПМНЕ со оној на италијанската Коза Ностра.
„Ќе поднесеме иницијатива до антикорупциските институции во Италија, кои со години и децении се бореа против најорганизираната европска мафија – Коза Ностра. Кога тие успеаја да се справат со Коза Ностра, можеме и ние тука да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека е крајно време да се расчисти со сите корупциски шеми што ја разоруваат државата.
„Превенцијата не успеа. Корупцијата ескалира и мора да се истражи сè. Крадењето мора да престане. Секој што крадел ќе одговара“, додаде тој.
Филипче ја информира јавноста дека партијата формира нов антикорупциски тим, како дел од програмата „Нова сила“.
„Сакам да информирам јавноста дека веќе формиравме т.н. антикорупциски тим во рамките на нашата програма ‘Нова сила’. Антикорупцискиот тим е еден од столбовите на оваа нова програма. Дозволете да образложам што претставува тоа. Тоа е професионален тим, советници, експерти во областа на правото, во областа на финансиите“, изјави Филипче.
Филипче посочи дека тимот, во кој ќе има и млади активисти и истражувачи на СДСМ, ќе работат на откривање и документирање на корупциските скандали.
„Што ќе работи овој антикорупциски тим? Токму тоа што го гледаме овие денови – ќе истражуваат скандали, ќе анализираат документи, ќе ги презентираат пред јавноста и ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми на оваа криминална власт. Ќе поднесуваме и соодветни пријави до национални и меѓународни институции“, нагласи претседателот на СДСМ.
Најави дека многу бргу ќе биде објавена и платформа на која кој било граѓанин од каде било во државата, од кое било село, град, општина, регион, ќе може да пријавува корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на Светскиот ден на волонтерството: И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес се приклучи на активностите по повод Светскиот ден на волонтерството, заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски. Во соработка со Црвениот крст на Република Македонија–Црвен крст на Град Скопје, тие учествуваат во низа хуманитарни и социјални активности насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.
„Денес, на Светскиот ден на волонтерството, со гордост се приклучувам како волонтер во активностите на Црвениот крст.
Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија.
Токму затоа, денес заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, се приклучуваме на активностите организирани од Црвениот крст на Република Македонија – Црвен крст на Град Скопје.
Заедно со група пратеници од Собранието на Република Македонија, ќе учествуваме во хуманитарни и социјални активности низ градот, посветени на оние кои најмногу имаат потреба од наша поддршка.
Овој чекор е јасен показател за институционалната поддршка која волонтерството ја заслужува, една од темелните вредности на Црвениот крст и клучен двигател за создавање посилни, похумани и поотпорни заедници“.
Преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, додаде тој, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаме порака дека волонтерството е чест и привилегија.
„И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество“.
Македонија
Стаменкоска – Трајкоска и Црвен Крст со хуманитарни пакети за семејства во социјален ризик
Во рамки на активностите по повод Светскиот ден на волонтеризмот, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес на семејства кои се наоѓаат во социјален ризик им достави хуманитарни пакети со основни прехранбени продукти. Акцијата е реализирана како дел од заедничка иницијатива на Општина Кисела Вода и општинската организација на Црвениот крст на Република Македонија.
Поддршката опфати повеќе семејства од територијата на општината, на кои преку оваа активност им беше обезбедена конкретна помош за полесно справување со секојдневните животни потреби. Во реализацијата беа активно вклучени и волонтерите на Црвениот крст, чиј ангажман е значаен дел од целиот процес.
Општина Кисела Вода, додаваат од таму, во соработка со Црвениот крст, континуирано спроведува мерки и активности насочени кон унапредување на социјалната заштита, со јасна цел, навремена и ефикасна поддршка за оние на кои најмногу им е потребна.
-Светскиот ден на волонтеризмот нè потсетува на важноста на солидарноста и грижата еден за друг. Денес, преку соработката со општинската организација на Црвениот крст и нивните посветени волонтери, обезбедивме конкретна поддршка за семејствата кои се соочуваат со социјални предизвици. Општина Кисела Вода ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи и да гради политики во кои човекот и неговото достоинство се секогаш на прво место- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Халкбанк со донација на компјутерска опрема ја зајакнува дигиталната настава во ДУЦОР „Партенија Зографски“
Со донација на нова компјутерска опрема за учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ во Скопје, Халкбанк АД Скопје реализираше активност насочена кон унапредување на наставата и поддршка на децата со посебни образовни потреби. Опремата е наменета за полесен пристап до дигитални едукативни содржини, интерактивни програми и современи алатки што го поттикнуваат индивидуалниот развој.
Донацијата беше предадена во просториите на училиштето, во присуство на претставници на Халкбанк и претседателот на СОНК, што дополнително ја нагласи важноста на заедничката поддршка за унапредување на образовниот процес. Присутните имаа можност да се запознаат со секојдневните предизвици и потреби на учениците и наставниците, како и со значењето што новата опрема ќе го има во создавањето пофункционална и поинклузивна наставна средина.

„Во Халкбанк веруваме дека секое дете заслужува еднаква можност да учи и да расте, а технологијата може да биде клучниот елемент што ги отвора тие можности. Со оваа донација сакаме да придонесеме кон поинклузивно училишно опкружување и да им дадеме поддршка на наставниците кои секојдневно работат со исклучителна посветеност. Нашата соработка ќе продолжи и во 2026 година, затоа што вложувањето во развојот на младите е вложување во заедничката иднина“ – истакнуваат од Банката.

Халкбанк останува посветена на иницијативи што создаваат долгорочна општествена вредност и реално ја унапредуваат заедницата. Преку ваквите проекти, Банката продолжува да гради средина во која секое дете ќе има услови да напредува, да добие поддршка и да ја почувствува важноста на својот потенцијал.
ПР

