Македонија
Објавен списокот на домаќинства кои ќе добијат субвенција за електрична енергија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.
Решенија за финансиска поддршка се донесени за следните категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполлно глуви лица.
Комисиите ја завршија постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.
Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk). https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/za-potrosuvacka-na-energija
Од Mинистерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.
„Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период“, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шалтерите на скопски „Водовод“нема да работат за време на празникот
ЈП Водовод и канализација – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека на ден 08.12.2025 година (понеделник), по повод државниот празник – Денот на Св. Климент Охридски, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламации и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
На 09.12.2025 година (вторник) се продолжува со редовно работно време.
Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус ќе биде ангажирана во училишта во Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус во следните две години ќе биде ангажирана во училишта во Македонија и ќе помага за јакнење на јазичните вештини на учениците и за развојот на поинклузивна училишна средина.
Волонтерите денес дадоа свечена заклетва во присуство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Весна Јаневска и Златко Перински, американската амбасадорка Анџела Агелер, директорот на Мировниот корпус, Дејвид Рисајд, повеќе градоначалници и училишни директори.
Посакувајќи им успешен почеток, министерката Јаневска рече дека новата група ќе биде големо засилување на веќе ангажираните 52 американски волонтери во образовните установи во Македонија.
„Вашето присуство не е само симбол на волонтерство, туку и сведоштво за желбата за градење мостови меѓу луѓето. Сакам да нагласам дека вашиот ангажман нема да се ограничи само на унапредување на јазичните вештини или на создавање поинклузивна училишна средина. Вие ќе придонесете за нешто многу поголемо, за зајакнување на партнерството меѓу нашите држави, градење взаемна доверба, разбирање и посилно пријателство меѓу нашите народи“, рече Јаневска.
Волонтерите ќе бидат ангажирани во 20 основни училишта, 5 средни училишта, 2 ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби, едно училиште за лица со оштетен вид и една градинка. Јаневска е сигурна дека тие ќе остават трага во заедниците во кои ќе живеат и работат, но и дека многумина од нив ќе се вратат дома со, како што рече, дел од Македонија во срцето.
„Ние одамна сме научиле дека вистинските пријателства се градат со доверба, соработка и искрено почитување. Оддаваме посебна чест на американскиот народ и на Соединетите Американски Држави, кои повеќе од 30 години се наш стратешки партнер во стремежот кон изградба на понапредна, поцврста и пообединета држава. Поддршката која ја добиваме останува значајна за развој и модернизација на нашето општество, и за тоа упатувам длабока и искрена благодарност“, рече Јаневска.
Соработката на Македонија со Мировниот корпус датира од 1996 година, кога беше воспоставен првиот Проект за унапредување на наставата по англиски јазик преку договор меѓу двете влади.
Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди
Македонија
Ѓорѓиевски на Светскиот ден на волонтерството: И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес се приклучи на активностите по повод Светскиот ден на волонтерството, заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски. Во соработка со Црвениот крст на Република Македонија–Црвен крст на Град Скопје, тие учествуваат во низа хуманитарни и социјални активности насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.
„Денес, на Светскиот ден на волонтерството, со гордост се приклучувам како волонтер во активностите на Црвениот крст.
Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија.
Токму затоа, денес заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, се приклучуваме на активностите организирани од Црвениот крст на Република Македонија – Црвен крст на Град Скопје.
Заедно со група пратеници од Собранието на Република Македонија, ќе учествуваме во хуманитарни и социјални активности низ градот, посветени на оние кои најмногу имаат потреба од наша поддршка.
Овој чекор е јасен показател за институционалната поддршка која волонтерството ја заслужува, една од темелните вредности на Црвениот крст и клучен двигател за создавање посилни, похумани и поотпорни заедници“.
Преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, додаде тој, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаме порака дека волонтерството е чест и привилегија.
„И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество“.

