Македонија
(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.
Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.
„Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.
Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Доделување на наградата „Св. Климент Охридски“
Во Кристалната сала на Собранието, денеска, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.

