Македонија
Сиљановска-Давкова: Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, којашто под нејзино покровителство се одржа синоќа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
„На 8 Декември го чествуваме Свети Климент Охридски, нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на сето словенство. Како што неговиот лик ги краси нашите древни храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи.
Но, сте се запрашале ли што всушност значи неговото име? Етимологијата ни открива дека зад името Климент се кријат два латински збора, clemens, што значи смирен и clementia, што значи милостив. Во името Климент се сврзани смирението и милоста.

Смирението нè ослободува од потребата да доминираме и создава внатрешен мир што не зависи од околностите. Тоа ни помага да ги гледаме другите со почит, а не со страв или суета. Милоста, пак, го претвора внатрешниот мир во надворешно дејствување, поттикнувајќи разбирање наместо осуда, прошка наместо одмазда, грижа наместо рамнодушност. Таа е знак на вистинска сила бидејќи само посилниот може да биде милосрден. Заедно, смирението и милоста создаваат заедница којашто не се наметнува со страв и со интерес, туку се гради со доверба и со солидарност“, рече таа.
Додаде дека освен со својот живот, охридскиот Златоуст ги ширел доблестите и со своите слова.
„Постојано ги поучувал луѓето дека милостивите ќе бидат помилувани и дека треба меѓу себе да се почитуваат „со смирение, нелицемерно и со вистинска љубов“. Тој ги вкоренувал овие вредности во брутално време на голема неизвесност, кога животот на обичниот човек бил осамен, суров и краток, кога луѓето биле оставени на милост и на немилост на локалните моќници. Токму кога е најтешко, добрите навики фаќаат најдлабок корен“, рече претседателката.
Затоа, додаде Сиљановска – Давкова, овие две доблести, коишто не се само христијански, туку општочовечки и заеднички за многу религии, се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно Светиклиментово дело.
Но, праша таа, ако денеска погледнеме околу нас, колку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот, во секојдневните меѓучовечки односи, во домот и во училиштето, на работа и на улица?
„Се прашувам и ве прашувам: Дали ќе ги искусиме во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор? Дали македонското општество денес ги отсликува двете доблести кодирани во Климентовото име? Дали сме милостиви? Дали имаме мир? Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии.
Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави“, рече Сиљановска – Давкова.
Потоа, таа постави неколку прашања во врска со современото живеење во нашата држава.
„Важиме за мирен, кроток народ, но дали имаме мир? Денот ни започнува и завршува со црна хроники, со вести за семејно и врсничко, вербално и физичко насилство коешто често кулминира дури и со убиства, па и со фемициди. Дали имаме мир додека сведочиме за егзодусот на нашите млади во странство? Овие прашања нè оставаат сите нас одговорните без сон, подеднакво, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или други, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи или атеисти.
Дали имаме мир кога пред очи ни созрева анксиозна генерација израсната со мобилен в рака, следејќи го правилото „постирам, значи постојам“? Социјалниот психолог Џонатан Хајд предупредува дека оваа зависност го троши времето, го фрагментира вниманието, ја ослабува социјализацијата и го нарушува сонот на нашите деца. Велиме дека младите се нашата иднина, а дозволуваме алгоритмите да им изберат инфлуенсери коишто ќе ги формираат нивните карактери“, рече претседателката.
Залутани во виртуелните лавиринти, додаде таа, многумина се изолираат, поларизираат и отуѓуваат.
„Вештачката интелигенција ги засилува овие ефекти, всадувајќи чувство на нееднаквост и заменливост. Значи покрај добрата страна, може да има и лоша. Ова се случува во најкритичниот период, додека младите се изградуваат во личности, подготвувајќи се да преземат одговорност за своите животи. Не го вперувам прстот кон младите бидејќи на почетокот тие се натпреваруваа со нашите мобилни телефони за нашето целосно внимание. Ете, дојде време кога ние, родителите и наставниците се натпреваруваме со мобилните телефони на децата и на учениците за нивното целосно внимание. Ова е меѓугенерациско отуѓување“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека не застапува дигитален аскетизам и кажа дека дигитализацијата ни е неопходна за да бидеме развиена европска држава со квалитетни и со транспарентни јавни услуги, со конкурентна економија и современо, европско образование насочено кон истражување и развој. Но, истакна, сето тоа треба да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата, во спротивно ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата.
„Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентовото време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро“, рече Сиљановска – Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

