Македонија
Денеска се празнува Свети Климент Охридски
Македонската православна црква денеска го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.
Македонската православна црква со посебно внимание, но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј.
Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за Светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.
Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На св. Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.
По смртта Господ го прославил со многу чуда. Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење.
Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.
Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла ‒ собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот (односно на 9 август според новиот) календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“.
Уште за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот (или 8 декември според новиот) календар. Поради тоа подоцна Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/9 август) се празнува споменот на Светите Седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

