Свет
Русија поднесе тужба против белгискиот депозитар „Еуроклир“ поради замрзнатиот руски имот
Руската централна банка соопшти дека поднела тужба до арбитражниот суд во Москва против белгискиот депозитар Еуроклир, поради, како што наведува, „незаконити постапки“ и плановите на Европската унија за користење на замрзнатата руска имотна маса.
Според соопштението, тужбата опфаќа надомест на штета во висина на вредноста на замрзнатата имотна маса на централната банка, како и замрзнатите хартии од вредност и изгубениот приход. Руската централна банка најави дека размислува и за постапки пред меѓународни и арбитражни судови.
Од банката наведуваат дека постапките на „Еуроклир“ ѝ нанеле штета на Русија, бидејќи ѝ било оневозможено управување со сопствените финансиски средства и хартии од вредност. „Еуроклир“ не ја коментираше директно најавената тужба, но потврди дека против компанијата во Русија веќе се поднесени повеќе од 100 тужби.
Според податоците, во Европската унија се замрзнати околу 210 милијарди евра руски средства, од кои најголемиот дел се наоѓаат на сметките на „Еуроклир“ во Белгија. ЕУ и земјите од Г7 веќе ги користат каматите од замрзнатиот имот за финансирање заем за Украина.
Европската комисија во последно време ги забрза подготовките за користење на замрзнатиот руски имот за финансиска поддршка на Украина, а конечен договор се очекува на самитот на ЕУ следната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Романија потврди два случаи на лепра, првпат по 40 години
Романија објави дека пронашла две масерки кои страдаат од лепра во спа центар во северозападниот град Клуж, што е прв потврден случај на болеста во таа земја од Европската Унија по повеќе од 40 години.
Како што објавува Ројтерс, уште две лица се тестираат, а двата потврдени случаи – двете индонезиски државјанки, на возраст од 21 и 25 години – се лекуваат, додаде Министерството за здравство.
Министерот за здравство Александру Рогобете рече дека корисниците на спа центарот не треба да се грижат, бидејќи продолжената изложеност е неопходна за пренесување на болеста.
Една од пациентките неодамна се вратила од Азија, каде што поминала еден месец со нејзината мајка, која моментално е во болница со истата болест, рече Рогобете, како што објави државната новинска агенција Агерпрес.
Властите го затворија спа центарот додека не заврши истрагата, соопштија здравствените службеници.
Последниот потврден случај на лепра во Романија, позната и како Хансенова болест, е откриен пред 44 години, соопшти министерството.
Свет
Промена во Зелениот план: ЕУ се откажува од целосната забрана за возила на дизел и бензин
Целосната забрана за продажба на нови автомобили на бензин и дизел во Европската унија од 2035 година ќе биде олеснета, најави еден од водечките политичари на Европскиот парламент.
Одлуката, која Европската комисија треба да ја објави следниот вторник во Стразбур, предизвика остри поделби и гнев кај екологистите, кои тврдат дека тоа го поткопува Зелениот план на ЕУ, пишува „Гардијан“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека го поддржува таквиот пресврт, по месеци инсистирање за промена на правилата за укинување на моторите со внатрешно согорување.
Фото: депозитфотос
Свет
Фицо: Нема да поддржам ништо, што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина, дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година
Словачкиот премиер Роберт Фицо одби каква било поддршка за дополнително финансирање на украинските воени средства, „дури и ако седат во Брисел до Нова Година“. Тој исто така рече дека „не сака да биде дел од Западна Европа каде што животот на Русите и Украинците е безвреден“.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Фицо изјави дека денес имал телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Длабоко го почитувам, но додека зборуваше за пари за војната во Украина, повторив дека секојдневното убивање на стотици до илјадници Руси и Украинци е сосема бесмислено. Ако животот на еден Русин или Украинец е безвреден за Западна Европа, јас не сакам да бидам дел од таква Западна Европа. Му реков дека нема да поддржам ништо – дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година – што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина“, напиша Фицо.
Тој додаде дека како премиер на Словачка, е „подготвен да ја поддржи Украина во нејзината реконструкција, врз основа на билатерални преговори меѓу словачката и украинската влада, но одбива бесмислено убивање“.
Тој исто така изјави дека испратил писмо до претседателот на Европскиот совет и до сите премиери на земјите-членки на ЕУ, кое го објави на Икс.
Фото: депозитфотос

