Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

