Свет
Зеленски кажа што очекува од Америка ако Русија го отфрли новиот мировен план
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува Соединетите Американски Држави, предводени од Доналд Трамп, да извршат силен притисок врз Русија ако Москва ги отфрли мировните услови договорени со Вашингтон и Европа. Зеленски го изјави ова за време на летот назад од Берлин по вчерашните разговори, објавува „Украинска правда“.
На прашањето на новинарите што би се случило ако Кремљ ги отфрли договорите што ги финализираат Украина, САД и Европа, Зеленски одговори со доза хумор.
„Ако Путин отфрли сè, тогаш ќе го имаме она што ни се случува токму сега во авионот – турбуленции. Ова навистина се случува сега“, се пошегува тој. „Но, секако, не е толку сериозно во споредба со војната. И во споредба со она што би се случило ако Путин ги уништи сите дипломатски можности и подготвеноста на Украина, Европа и на САД“.
Зеленски објасни дека во ова сценарио би било логично САД да го зголемат притисокот врз Русија и да ја прошират воената помош за Украина.
„Мислам дека Америка би извршила притисок врз Русија со санкции и би ни обезбедила повеќе оружје ако тој одбие сè. Мислам дека тоа би било фер барање од наша страна кон Американците. Бидејќи, според мене, логиката е следна: ако Американците се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина и да применат силни гаранции ако Путин ги прекрши, тогаш искрено кажете ми како ова се разликува од ситуацијата во која Путин, едноставно, не сака да ја заврши војната?“, рече Зеленски.
„Верувам дека би било фер барање од мене како претседател и од некои европски лидери да ни дадат барем дел од тие гаранции за да можеме да се одбраниме од Путин. Воздушна одбрана и оружје со долг дострел“, заклучи тој.
За време на брифингот, Зеленски откри дека, по разговорите, ќе бидат формализирани пет документи поврзани со безбедносните гаранции и реконструкцијата на земјата. Тој нагласи дека е постигнат сериозен напредок по прашањето на гаранциите и го повтори цврстиот став на Украина дека нема да се согласи на де јуре или де факто признавање на окупираниот Донбас како руска територија. Во меѓувреме, американските медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавуваат дека Вашингтон верува оти 90 % од несогласувањата меѓу Украина и Русија се веќе решени.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.
Свет
Mакрон најави зголемување на казните за корисниците на дрога
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес во Марсеј објави дека казната за употреба на канабис или кокаин ќе се зголеми од 200 на 500 евра.
Со оваа мерка, рече тој, сака да ги погоди паричниците на оние што купуваат дрога и на тој начин ги хранат мрежите за дрога, објавува телевизијата BFM.
За време на разговорот со читателите на весникот „Прованс“, Макрон го изрази своето незадоволство од младите жртви на дрога и луѓето што одат да набават дрога „како за забава“.
Тој нагласи дека секое лице што користи дрога мора да разбере дека придонесува за уништување на градовите и населбите.
Казната за корисниците на дрога беше воведена во 2020 година за да се олесни работата на судовите и да се префрли фокусот на борбата кон криминалните мрежи.
Оваа мерка се однесува на лица со максимум 10 грама кокаин или 100 грама канабис.
Претседателот на Франција, исто така, најави адаптација на борбата против мрежите за дрога, вклучително и следење на дилерите на социјалните мрежи, кои станаа нови места за трговија.
Тој повика на промена на европските правила за да се овозможи онлајн дилерите да бидат гонети, а мрежите да бидат повикани на одговорност.
„Нема да попуштиме, мора немилосрдно да притискаме“, рече Макрон, потврдувајќи дека целта е да се нападнат „шефовите на нарко мрежите“, вклучително и оние што работат од странство.
Макрон, исто така, ги истакна новите затвори со висок степен на безбедност со „апсолутно невидени нивоа на надзор“ и призна дека дилерите ќе продолжат да реагираат и да заплашуваат како што борбата се интензивира, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос

