Македонија
(Видео) Антикорупцискиот тим на СДСМ ја претстави новата платформа против корупција – МИЦКО: Пријавувајте!
„Антикорупцискиот тим на СДСМ, АКТ, ја претставува новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот. Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал или скратено МИЦКО (https://micko.mk/). Платформата е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија“, рече Александар (Саша) Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
„Ние ги собираме, анализираме, организираме сите информации од разни извори како би обезбедиле транспарентност и информираност на граѓаните, на јавноста.
Што правиме?
Истражуваме случаи: Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и други сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции.
Ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување.
Промовираме транспарентност: Делиме анализи и известувања, како граѓаните, но и новинарите, експертите, невладините организации, може да дадат придонес.
На платформата против корупцијата веќе се објавени досегашните бомби на АКТ.
Случајот со една фирма со двајца вработени, основана лани, која добила тендери од 9 милиони евра.
Случајот со фирма што добила 161 тендер, вредни 5,3 милиони евра.
И, секако, скандалот за преземањето на Алта банка, со сомнителен капитал, кој НБРМ го дозволила под сомнителни околности.
Од денеска платофрмата е активна и целосно оперативна, на ваше располагање.
Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари и медиуми да ни се приклучат.
На платформата има можноста граѓаните да пријават корупција и криминал – директно.
Има посебен дел, простор, за да се внесат информации и директно да се прикачат документи. Секој граѓанин може да пријави, дури и анонимно.
Почитувани граѓани, пријавувајте! Ние сме вашиот глас. Заедно се бориме против корупцијата и криминалот. Сите ќе одговараат, од прв до последен! Ова е заедничка борба за државата, за правдата“, изјави Александар (Саша) Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

