Македонија
(Видео) Филипче во Брисел ќе бара поддршка за одбрана на демократијата во Македонија
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во Брисел ќе бара поддршка за одбрана на демократијата во Македонија по изгласаната Резолуција за мигрантите синоќа во Собранието.
„Ви се обраќам од Брисел, затоа што борбата за слободата и демократијата во Македонија бараат акција и заедничко дејствување. Донесената срамна Резолуција на ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието е директен удар врз демократијата, слободата на говор, мислењето и политичкото дејствување. Кога парламент носи неуставна резолуција, против опозицијата, тогаш државата престанува да биде демократска и влегува во авторитаризам. Во режим“, рече Филипче.
Според него, власта сака да ја замолчи и да ја забрани работата на опозицијата, да создаде еднопартиска држава и да ја згасне слободата на говор.
„СДСМ тоа нема да го дозволи, ќе ја одбраниме слободата и демократијата. Овде, во Брисел, ќе побарам поддршка од цела Европа, од сите прогресивни и демократски сили, од сестринските социјалистички и социјалдемократски партии. Македонија мора да биде слободна, демократска и европска држава. Време е за формирање единствен граѓански фронт – фронт за правда, слобода и демократијата“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

