Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле речиси 1 милион евра од „Државната лотарија“
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

