Македонија
СДС намерно шири паника, Резолуцијата не ја гуши слободата на говор, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Наводите на СДС дека усвоената Резолуција е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи. Оттука, тврдењата дека со Резолуцијата се „гуши слободата на говорот“ се правно неосновани. Слободата на изразување, гарантирана со Уставот, може да биде ограничена само со закон, под строго утврдени услови. Во конкретниот случај, не постои ниту законска интервенција, ниту правен механизам што би ја ограничил политичката активност или јавното изразување на СДС или на кој било друг политички субјект“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека Резолуцијата не забранува дебата, не забранува изнесување ставови и не воведува цензура.
„Таа осуда на дезинформации не претставува уставно-правна санкција, туку политичка оценка, што е целосно легитимно право на Собранието“, велат од партијата.
Дополнително, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, уставната слобода на изразување не подразбира апсолутна слобода за ширење невистини, манипулации и намерно создавање паника кај граѓаните, особено по прашања што директно ја засегаат јавната безбедност и општествената стабилност, политичката критика е дозволена и заштитена; дезинформациската кампања не е уставна вредност.
„Апсурдно е СДС да зборува за „уривање на правниот поредок“, кога токму тие во минатото носеа одлуки и склучуваа аранжмани поврзани со мигрантски центри без транспарентност, без јавна расправа и без јасна политичка одговорност. Денес, кога преку Резолуцијата јасно се потврдува дека нема и нема да има мигрантски кампови, СДС се обидува преку Уставниот суд да ја продолжи сопствената лажна кампања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, најавите за обраќање до меѓународни институции и „прогресивни сили“ не можат да ја сменат правната реалност: Резолуцијата е уставно дозволен политички акт; Резолуцијата не задира во човекови права и Резолуцијата не создава правни последици по слободата на говорот.
„СДС повторно избира паника наместо аргументи, политичка конструкција наместо уставно право. Вистината е едноставна и правно чиста: Резолуцијата е уставна, а лагите за мигрантски кампови се политичка манипулација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

