Македонија
Измените на Кривичниот законик се само уште едно крпење на правниот систем, велат од ЛДП
Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред пратениците во Собранието на почетокот на неделата. Иако навидум изгледа дека се предлагаат решенија за заострување на казните и санирање на штетите направени во минатото, сметаме дека ова е само уште едно од многуте „крпења и закрпувања“ на правниот систем, наместо суштинска реформа која граѓаните ја чекаат повеќе од 18 месеци, велат од ЛДП.
„Во насока на подобрување на состојбата, како партија која доследно се залага за владеење на правото, укажуваме на проблемот со застарувањето. Тука, иако се предлага зголемување на казните за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба“, сметаме дека застарување на делата се сè уште можни и за истото сме сведочеле постојано во минатото.
Воедно, ЛДП инсистира на дополнително зголемување на границата за застарување на делата од 30-тата глава извршени на штета на буџетот на државата. Борбата против корупција не смее да зависи од административни рокови кои им овозможуваат на оние кои се огрешиле итро да ја избегнат правдата“, соопшти ЛДП.
„Сметаме дека повторното воведување на кривичното дело поврзано со злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор, а сегашното решение е само обид за санирање на штета. Делот за воведување на санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини е за поздрав, но потребно е итно проширување на овие одредби. Во време на брз технолошки развој, неопходно е законот експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини креирани со помош на вештачката интелигенција (Deepfake-ови), со цел заштита на достоинството на секој граѓанин.
Доста беше од делумни и парцијални решенија. Доколку ресорното министерство не е способно да изготви и да се донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик до крајот на оваа година, треба јавно да ја признае својата неспособност. Македонија нема време за нови правни експерименти кои оставаат простор за селективна правда и неправда.
ЛДП останува посветена на заложбата за носење на законско решение кое ќе биде бескомпромисно кон криминалот и корупцијата. Нашите забелешки се јасни: ни треба закон кој што ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување“, се додава во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

